ТВОРЕШТВО НИЗ ДРУЖБА

Деветта колонија Дрен

I druzba i tvorestvo

Летна креативна раздвиженост во ликовното ателје и во дворот на ЦК “Марко Цепенков”. Во творечки занес се уметници од градот, од земјата и од странство – Србија и Русија. Создаваат креации во повеќе уметнички форми, кои ќе останат во трајно наследство на Центарот, како организатор и на градот. Освен сликарството, годинава, бидејќи колонијата е дислоцирана и има мултимедијален карактер, се работат инсталации, скулптури, нови форми на уметничко изразување. Создадените дела ќе се проследат утревечер на изложбата од 20 часот, со што колонијата Дрен 2016 официјално ќе биде затворена.

– Го променивме концептот. Класично сликарската колонија се трансформира во мултимедијална. Добро е што ја префрливме од манастирскиот простор во ЦК. Уметниците имаат соодветни услови за креации во градот. Доаѓаат љубопитни посетители да набљудуваат како се создава едно уметничко дело – вели Тони Чатлески, директор на ЦК “Марко Цепенков”.

Уметниците (Мирна Арсовска, Верче Николоска, Билјана Бинчев, Јошкин Шилјан, Мирослав Живковиќ, Снежана Манасиќ, Јелена Фрида Стошиќ, Марија Алексиќ, Рада Тихановскаја, Јасмина Рунеска, Ангел Миов, Силвија Шошева, Емил Солески, Марјан Стојаноски, Тони Чатлески)… низ дружба творат и разменуваат мислења.

– На првата меѓународна колонија стигнав во Македонија првпат. Прилеп е гостопримлив со прекрасни луѓе. Создаваме и дела, и пријателства. Ликовните плодови ќе останат. Меѓу “две четки”, видов неколку манастири. Силно ме вдахнуваат планините, облаците… Во полн уметнички набој насликав дело за еден ден – вели Рада Тихановскаја од Русија.

Na kolonijata dren zastapena i multimedijalnosta

– Пред два месеца бев во Косовска Митровица. Имаат театар на планината. Се искачив горе и гледам плакат на Крал Марко. И дојдов во Прилеп, во градот под Марковите кули. Пријатно е. Ако градот ме прифати ми легнува и цртежот. Доста користам промена на енергија што проаѓа низ моето тело. Создадов “сина слика”, бидејќи низ мене помина небото – вели Шилјан, потенцирајќи дека додека слика ги декорира на лицето колешките, пренесувајќи линии и бои кои всушност се бранови што минуваат.

– Петта или шеста колонија ми е во Македонија, но прва во Прилеп. Градот е интересен за создавање. Не се занимавам со она што се гледа, па се пресликува, ова е малку специфично. Работам со енформел. Ме инспирира планината Маркови кули. Не сум видела ваков пејзаж – вели Снежана Манасиќ од Панчево.

И другите уметници не го кријат задоволството.

Блуз за уметниците

Нашиот блузерски бенд Кросроад блуз бенд вечерва од 21.30 часот ќе има концерт за уметниците, учесници на колонијата Дрен во дворот од Ц.К. “Марко Цепенков”. Концертот е отворен за сите граѓани. 

Loading