НАЈДЕНА ЛУКСУЗНА СРЕБРЕНА КУТИЈА

На археолошкиот локалитет Локвени, кривогаштанско

moneta lokveniЗавршија археолошките истражувања на локалитетот Локвенско кале во кривогаштанско. Пронајдени се луксузни наоди од големо значење при копањето околу една од некрополите крај моќната тврдина која опстојувала на овој простор.

– Пронајдени се целосно сочувани садови кои биле ставани како гробен прилог за покојникот, оружје, накит, монети со ликот на Александар 3 Македонски. Има монета кована во Пела, а куриозитет е извонредно сочуваната луксузна кутија за накит, изработена од сребро во техника на филигран со златна жица. Таа е редок примерок во Македонија – вели  м-р Дејан Кебакоски, раководител на проектот.

Бесценетите наоди потврдуваат дека жителите биле богати совисок степен на организираност и важност на тврдината, која прераснала во град.

Археолошкиот локалитет Локвенско кале е лоциран на еден од планинските врвови.

– Платото на врвот е утврдено со моќни ѕидини, градени со големи правоаголно камени блокови во техника опус квадратум. Според рекогносцирањето на пронајдените монети се потврдува дека станува збор за раноантичко утврдување кое понатаму има континуиран живот од неколку векови. Утврдувањето ги контролирало двата патни премини за влез во Пелагонија. Едниот е планинскиот премин Барбарас, а другиот е клисурата на Црна Река и Бучинската преграда. Досега немало теренски археолошки истражувања. Хронолошкиот дијапазон на живеење се извлекува врз база на прибраните наоди по пат археолошки рекогносцирања. Пронајдени се голем број на монети на македонските кралеви – Архелај, Аминта 3, Филип 2, Александар 3, Филип 5, Касандар, Пир, Деметриј 1 Полиоркет, Антигон Гонат и други. Ова укажува на континуитетот на населување и моќта на населението кое живело во оваа македонска раноантича воена база – додава археологот Кебакоски.

Со наредните истражувања ќе биде ископуван акрополот и некрополите со што ќе бидат разрешени некои од најзначајните прашања за присуството на власта на античкото македонско кралство на територијата на северна Пелагонија, како и локалните владетели во раната антика, хронологијата, карактерот, габаритот и воената моќ на тврдината и етничкиот идентитет на војската.

Loading