ПРСТИ СЕ ЛИЖАТ СО МАЛКУ ПАРИ

Krke food

str2

После неколку месечното внурнување во бизнис водите со брза храна кај ОУ “Климент Охридски”, во Старата чаршија се “роди” нов дуќан Krke food за ладни сендвичи, тост и специјално, нутела сендвичи со екстра вкусови. Од привичната идеја да се понуди оброк за децата со пристапни цена, колегите Марјан Здравески – Крке и Христијан Наумоски овозможија квалитетот да се намириса и низ чаршиските сокаци со бесплатна достава.

Партнерите ги привлекла помислата дека потребата за храна “никогаш не умира”, насочувајќи се во понуда за “рај на стомакот”. Се разликуваат од ривалите по користењето на тост лепчиња од Жито Лукс, кои даваат исклучителен вкус, сочност и арома. Вметнале и посебни финеси на подготовката. Се трудат да бидат оригинални и во тренд со сендвичите со кои не само што се задоволува гладта, туку прстите се лижат за ситно олеснување на ќесето.

Од единственото и поинакво место на угостителската мапа, Krke food, за појадок, ручек, вечера препорачуваат ладни сендвичи за 40 денари. Покрај со кашкавал и со шунка, можен е избор и меѓу врат и кулен, а задолжителна состојка се краставиците и марулата. За тостовите и не се дебатира. Само за 25 денари, до максимум 50 денари, се добива тост пакет, односно дури три “парчиња”. Нешто нестандарно, необично, со лепчиња кои инаку ги нема. Продукцијата за малку пари, претставува заситување и уживање. Плус посебниот филинг додека трае насладата во Krke food.

Мајсторите за сендвичи успеале да ги задоволат вкусовите и на најпребирливите. Децата тоа први и најмногу го чувствуваат. Кој пробал, станал заробеник.  Квалитетот и цената надалеку се слушаат. Затоа редици “обожаватели” чекаат на вкусните залачиња. Со душа се чека следниот оброк за задоволство со оригиналните вкусови со посебни зачини. Тоа предизвикува нова и повторна средба со специјалитетите на сендвичарницата.    

– Сите правиме слични продукти, но секој има марифет. Не гледам и не сакам никој да ме гледа како конкуренција. Секој има свој “адут”. Така не се “мешаме” и не си го уриваме пазарот со цената на другите. За сите има работа. Особено внимавам да се почитува колегијалноста – кажува Здравески.

Љубителите на слатко-благо се воодушевени од т.н. нутела сендвичи со незаменливиот нутела еурокрем и банана ставени меѓу посебни тост лепчиња со млеко. Идејата е на 20-годишниот Наумоски. За комплетно уживање нудат и освежување со сок, како и со нескафе, кое е достапно и за носење.

– Императив е понуда на некој десерт, а да не бидат палачинки, кои се препознатливи. Затоа во понудата е превкусната нутела сендвич – вели Наумоски.

Иако се млади во бизнисот, имаат голем сенс за храната за  младата популација. Ги збогатуваат сетилата, вкусовите и мирисите, бидејќи сметаат дека оброкот треба да биде на најдобар начин презентиран и послужен пред мераклиите на добра храна. Муштериите не само што се задоволни, туку се и изненадени од цените и квалитетот на храната. Сите кои вкусиле еднаш, доаѓаат двапати дневно. Едноставно, се заљубуват во сендвичите, во тостот или во нутела – сендвичот. Тренерот за кошарка, Крке, е особено посветен на квалитетот на храната.

– Да се тера бизнис во ова тешко време, нужно е да се вложи многу напор. Не е клучот само во брзината, туку да се најде одговор на предизвиците. Бара и максимална посветеност и 24 часовен ангажман. Работам со деца и никогаш, по ниту еден услов и закон, нема да им дадам неквалитет, а цената доаѓа на крај – додава Здравески.

Младите бизнисмени и колеги се заљубени во работата. Ги исполнува комуникацијата со луѓето, особено комплиментите за “полниот стомак”. Задоволството на муштериите го доживуваат за комплименти и охрабрување, им дава нови сили и ги мотивира да се носат со идеја за голем фаст фуд простор. Со трудољубивоста и инветивноста, сигурно дека сонот ќе им стане стварност.  

Loading