ВЕШТА ЖЕНА ТЕРА БИЗНИС СО СЛАТКИ ЗАДОВОЛСТВА

Слаткарница Монте

Slatkarstvoto e predizvik oti mozam da eksperimentiram -   Dimoska2Слатки, торти и секаков вид десерт за родендени, крштевки, свадби, но и за секојдневна употреба кога паѓа шеќерот и сакаме да си приредиме слатко задоволство има во изобилство во неодамна отворената слаткарница Монте. Декорирана во розово-виолетови нијанси, што асоцираат на шеќерно и вкусно, и весело и разиграно, воочлива е и паѓа во очи кај кружниот тек кај Солидност. Не само што предизвикува внимание, туку привлекува да се наѕре и да не се одолее. А кога бојата “мами”, мискојната веднаш освојува и  заробува. За бадијала не го носи името на вкусна торта која сопственичката Зорица Димоска првпат ја направила за роденденот на синот, а која оставила впечаток кај секој кој ја вкусил.

Слатката бајка, Димоска почнала да ја раскажува пред четири години во домашни услови за најблиските. Постепено привлекла и муштерии. Домашниот ангажман зазел поширок обем. Иако првична желба í било готвењето, во кое многупати се истакнала, инспирацијата за бизнис ја нашла во дизајнирањето, декорирањето и креирањето на слатки. 

– И готвењето има можности за експериментирање, но слаткарството ми е предизвик и ме исполнува, оти работам главно за деца, бебиња, па за невести. Значајните датуми се крунисуваат со исполнета желба како успешна декорација. Остварувањето на идејата за бизнис е заслуга на мојот сопруг кој го следеше секој чекор и постојано ме охрабруваше, ме поддржуваше и ме мотивираше дека сум вешта да постигнам успех – кажува Димоска.

Производите од Монте со ванила, чоколадни и овошни вкусови и во сите можни комбинации, имаат висок квалитет и се нудат по многу поволни цени. Се разликуваат од другите, оти се зготвени по домашни рецепти од нашите мајки и баби. Секој кој пробал кажал  дека “Ова е торта како таа дома што ја правам”. Димоска не користи ништо готово, ниту вештачко, ни прашоци за теста и за филови. Тестата се од чисто јајце и белка, а филовите од жолчка, чоколадо или ванила и млеко. Инспирација за уметничкиот пристап ѝ се соништата. Предизвик секако е и желбата на муштеријата. Не само што ја доловува замислата, туку и ги надминува очекувањата за изгледот и вкусот на слаткото задоволство. Крајниот резултат на секоја торта е меѓусебен договор. Им сугерира ако нешто не се вклопува во декорацијата, ако недостасува во нивното барање и со заеднички јазик доаѓаат до совршен производ.

– Успехот се постигнува дури кога муштеријата се враќа вторпат, а не кога е задоволен од првата порачка. Реакцијата ми беше најголемиот страв. Како ќе реагираат на нешто ново, колку ќе бидам прифатена. Искрено, сум многу задоволна, оти еднаш кој дојде, се враќа повторно и повторно. Нудам специјални попусти за тортите за родендени, свадби и крштевки, оти сум почетник во бизнисот и претендирам клиентите да ме запознаат, да пробаат и да стекнат доверба – додава слаткарката.

Дека Димоска е мајсторот на кој може да му се довери тортата без разлика кој е поводот, сведочат признанијата на манифестацијата “Вешта жена”. Покрај пехарот за тригодишното учество, нема година, да не добие диплома за најдобро декорирана торта, односно за декорација на десерт. Оломнани не само што се качи на врвот за највешта во спремање на маса за четворица во градов, туку и се закити  со титулата највешта жена на државно ниво. И лани ѝ немаше рамна на нејзините креации, а годинава веќе обезбеди виза за државниот нетпревар.

– Да се биде добар слаткар, треба првин долгогодишно искуство. Прво, да се сака работата, а потоа да се заборави на времето, колку работни часа има денот. Некогаш сум ангажирана 20-30 часа без прекин и одмор. Не се чувствувам преморена кога знам дека треба да дадам сé од себе за да постигнам нешто. И не треба да се плашиме од експериментирањето. Ако се греши, се греши, да не се разочаруваме, пак може одново да се почне – вели Димоска.

Со добра организација и со помош на луѓето околу себе, Димоска, мајката на две машки деца од 4 и 11 години, успева да го тера бизнисот. Чекор, по чекор, планира проширување, со повеќе вработени, и збогатување на палетата со нови слаткарски доживувања. Наскоро објектот ќе го опреми со маси и столици за седенки, родендени. 

Loading