ПОСРЕДУВАЊЕ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ СО ПОВОЛНОСТИ

Филип Димитриески – раководител на Центарот за вработување Прилеп при АВРМ

Atraktivni merki i za postari nevraboteni - Filip DimitrieskiВеќе неколку месеци на кормилото на прилепскиот центар на Агенцијата за вработување е младиот Филип Димитриески, кој сето свое знаење, амбициозност и посветеност ги насочува во стратегијата за намалување на невработеноста. Како магистер по монетарна економија и финансии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, теоретската наобразба и работното искуство во Централна Кооперативна банка, максимално ги става во функција на позицијата на која одговорно настапува со единствена цел успешно посредување при вработување со користење на поволностите кои ги нуди државата и работодавачите.

Се колебавте ли при пред предизвикот да се зафатите со менаџирање на најсуптилната и најранливата институција преку која се решаваат животните судбини и се обезбедува егзистенцијата на граѓаните?

– Оваа позиција за мене претставува нов предизвик, на која што, се надевам дека соодветно се соочувам, бидејќи станува збор за институција во која е нужна сериозна одговорност. Во агенцијата за вработување затекнав професионалци со повеќе годишно работно  искуство. Веќе имам одлична соработка и се надевам дека нивното претходно успешно делување во комбинација со моите идеи и визијата за тоа како треба да функционира оваа установа, ќе ја издигне Агенцијата за вработување на повисоко ниво. Главна цел е поголема промоција на владините мерки и проекти за вработување, односно воспоставување флуид, интерес на работодавачите и барателите на работа. Очекувам државните поволности, заедно со најавените странски инвестиции, да го дадат посакуваниот резултат – намалување на невработеноста, односно зголемување на бројот на нови работни места.

Најголемиот успех на Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ во минатите 10 години е падот на невработеноста и креирањето нови работни места преку активните мерки и политики за вработување што се дел од оперативните планови коишто ги носи на годишно ниво, започнувајќи од 2007 година. Резултати досега?

– Владините мерки за вработување во изминативе години даваат одлични резултати особено во нашиот град, каде што искористеноста е навистина голема. Прилеп се потврди дека е град со голем претприемачки дух. Заклучно со декември 2015 година се искористени 655 грантови за самовработување, 619 кредитирања, а финансиска поддршка за мали и средни претпријатија добиле 49 фирми. Тука се обуките кај познат работодавач и со субвенционирано вработување како и практиканството. Во 2016 година досега сезавршени два јавни огласи. Едниот е за грантовите за самовработување, за кои имаше доста голем интерес. Околу 70 лица веќе се во напредна фаза на селекција. Заинтересирани профили се занаетчии, бербери, фризери, козметичари, но и други услужни дејности. Со самовработувањето се стимулираат невработените да тргнат во бизнис со сопствените идеи. Другиот оглас е за финансиска поддршка на мали и средни фирми. И тој е во напредна фаза. Тече и проектот “Македонија вработува”. Од почетокот до денес даде одлични резултати, односно 460 работодавачи вработија 762 лица. Проектот е успешен и по бројот на вработени, но и по старосните и образовните категории. До 35 години се вработија 461 лице, од 35 до 50 години 147 лица а над 50 години 154 лица. Според образованието 633 лица се со основно и средно образование, а 129 со високо образование. Проектот влијаеше и кај двете најпроблематични групи, односно младите лица кои добиваат за првпат шанса за вработување и оние лица кои се над 50 години, кои освен тешкотија да најдат работа, имаат проблем и со обезбедување на потребниот стаж за заминување во пензија.

Поволностите што ги нуди проектот “Македонија вработува” се ослободување од персонален данок и ослободување од плаќање социјални придонеси и за кус период даде исклучително добри резултати. Кои се другите активни мерки во моментов?

– Проектот “Македонија вработува” завршува на 14 април. Ги повикувам сите заинтересирани работодавачи да го искористат, бидејќи финансиската заштеда по вработено лице е прилично голема. Активни мерки се и практиканство, обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот, за стекнување на вештини од стари занаети, за основни вештини за вработување на млади лица до 29 години (странски јазици и компјутери), финансиска поддршка за отварање на приватни детски градинки, за приватни домови за стари лица и обука на работно место со субвенционирано вработување.

Покрај поволностите за барателите на работно место, се нудат низа олеснувања и за работодавачите. Вие сте директната врска?

– Соработката со работодавачите е клучна за намалувањето на невработеноста. Центарот за вработување до овој момент негува коректни релации со бизнисмените. Во 2015 година, од 216 побарани посредувања од страна на работодавачите, 198 се позитивни и завршиле со вработување на 383 лица. Во соработка со Центарот, 700 прилепчани најдоа работа во странската инвестиција во Кавадарци, Дрекслермаер, а околу 500 се вработија во странската инвестиција Гентерм, што е при крај со изградбата на капацитетите.

Често се споменува дека е несоодветна понудата на работната сила со профилите кои реално се потребни во бизнис секторот. Како да се надмине неправилната распределба на пазар на труд? Има ли решение?

– Најголемиот предизвик со кој се соочува Центарот е неправилната распределба на работната сила на пазарот на трудот, односно по некои занимања има повеќе од доволно кадри, додека по други се јавува дефицит. Тоа значи дека понудата по занимања не е избалансирана со побарувачката. Кај кадрите со високо образование најмногу баратели се економистите, правниците и агрономите, додека дефицитарни се информатичарите, ветеринарите, архитектите и професорите по географија. Слично е и со средното образование. Суфицит се економски и тутунски техничари и баратели на работа со завршено гимназиско образование. Затоа се прави анализа на потреби од вештини на пазарот на трудот. Истражувањата за анализата на потребите на пазарот на трудот, обезбедуваат одредени  показатели за очекувањата на работодавачите во однос на новите вработувања и потребните вештини со кои треба да располагаат тие лица. Целта на истражувањето е да се зголемат сознанијата за состојбите и промените на пазарот на трудот, преку информации од работодавачите за потребите од нови вработувања и занимањата и вештините со кои треба да располагаат кандидатите. Сознанијата од истражувањето претставуваат основа за креирање на активни програми и мерки за подготовката за вработување, претендираат на подигање на вештините на невработените лица, заради раст на нивната конкуретност на пазарот на трудот и побрзо вработување. Сознанијата од анкетното истражување, претставуваат и основа за подготовка на локални акциони планови за вработување, кои можат да служат за креирање на уписната политика и за креирањето на нови образовни програми за занимања, усогласени со потребите на пазарот на трудот.

Интернет порталот на Агенцијата нуди многу можности и олеснет пристап до информации, не само за невработените, туку и за работодавачите кои се во потрага по работници. Доколку барателот сака, за објавениот оглас се наведува дури и висината на платата. Која ќе биде мисијата за да продолжите со политиките што даваат плодови за континуирано продолжување на падот на невработеноста, но и која е визијата за институцијата?

– Освен намалувањето на невработеноста, примарна цел е и преуредувањето на Центарот за соодветно одговарање на обврските (промена од канцелариски во шалтерски систем). Една од главните цели ќе ми биде креирање поголема свесност за електронските услуги, на Агенцијата за вработување на официјалната веб страница www.avrm.gov.mk каде што барателите на работа можат да ги следат активните огласи и мерки и работодавачите можат да го користат  електронскиот систем за пријава/одјава на работни односи. Електронскиот систем ја поедноставува процедурата за задолжително пријавување или одјавување на работни односи и заштедува време при пријавувањето и одјавувањето на работници во Агенцијата за вработување на Република Македонија. 

Loading