ПЛАЖА ВО КАФЕТЕРИЈА

Кафе клуб Малибу

Paraleno so kafuleto planira i diskoteka - TaseskiСолидно бизнис искуство има зад себе Антонио Талески само со 24 години. Од тинејџер станал менаџер на диско за организација на забави за генерацијата. Така стасал до бизнисмен на свој локал. Полека, пливајќи низ светот на кафулињата, со помош на татко му, отворил своја кафетерија. Стартувал со “Лимит”, но сакајќи да се премести на поубава локација, стопанисувал и со “Енџелс”, каде гостин за отворањето бил Влатко Лозаноски. Едно време држел и дискотека, додека бил во потрага по пристапна локација и профитно место. Место го “фатило” во кафе клубот Малибу. Веќе е задомаќинет четири години во срцето на чаршијата, додека низ глетката ѕирка Саатот. Медицинската сестра и апсолвентот по информатичка технологија кажува дека најтежок е “чаршискиот” факултет.

– Најтешко се носи товарот на чаршискиот и еснафскиот факултет. Најмногу чинат пари, оти се плаќа скапо една грешка. А бизнисот не трпи пропусти. Доколку го завршиш тој факултет, ќе успееш. Кажувам за дуќани во чаршијата, бутици, златари, кафулиња. Таму се води постојана борба за опстанок – кажува Талески.

Познати му се некои марифети на локалите. Потпирајќи се на искуството, учел на грешките. Од персоналот, никој не се пожалил, оти има и келнерски стаж. Па, и шанкерски. Затоа има разбирање за персоналот. Во таква клима, стекнува редовни муштерии. Но и со поволните цени со разните пакет понуди. Да биде привлечно, кафето е поефтино за 10 денари од другите. Нон-стоп нуди плус ладен чај, цевитана… Планира да воведе и “доручек”. За соседите има плус попуст.

Не е само стопан, туку и вработен, кој го менаџира клубот или ги послужува клиентите.

– Одговорност е да се води кафуле. Некогаш ќе заглавиш доцна во ноќта. Треба да се почитуваат муштериите кои заседнале. Нужна е толерантност за да станат и останат клиенти. Старо правило кое не се прескокнува е дека муштеријата е секогаш во право. Паралелно, нужнп е и иновативност, тренд, урбаност, да си во тек со настаните – додава младиот чаршиски стопанственик Талески.

Пријатно е седењето во клубот на Талески, нешто налик на втор дом, за релаксација на раат, во топла атмосфера, иако е на отворено. Создал место за кулирање со кафе, освежување со пијалок и бркање на негативна енергија додека се дружиш со другарите. Внимава и на деталите да паѓаат в очи.

Нунко на името на кафетеријата биле татко му и девојката. Му се допаднало, оти не само што значело ликер и плажа во Америка, туку звучело егзотично и необично. Посебна е приказната со чадорчињата, кога Малибу беше познат по нив. Иновативна и евтина идеја за дотерувањето, која ем служи за сенка, ем гостите се чувствуваат небаре се на плажа. Го бие глас на магнет за мераклии на забави. Низ кафулињата ја носел цела македонска естрада, од ДНК, до Влатко Илиески, Тони Зен. Бизнисмен е и хуманитарец. Организира хуманитарни акции. Моментно собира средства за Маријанчо Костоски – Мацко, за секојдневието да му биде нормално и едноставно. Сака да им помага на луѓето, особено на оние кои му се нашле.

Планира да отвори и дискотека. Не многу голема, но ексклузивна и елитна за да се подобри ноќниот живот.  

Loading