ТАЛЕНТОТ СЕ ГРАДИ СО ВРВНИ МУЗИЧКИ ПЕДАГОЗИ

Игор Николоски, директор на ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“

Прилеп е плодна почва на музички таленти кои навремено се откриваат и правилно се едуцираат. Во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ бележи нагорна линија интересот кај учениците за музичка наобразба.

Igor Nikoloski2– Годинава настава изучуваат 396 ученици на 10 различни инструменти – клавир, виолина, хармоника, кларинет, народни  инстументи, флејта, саксафон, гитара, труба и соло пеење. Интересот од година во година расте. Во споредба со ланските 385 ученици,  годинава се десеттина повеќе. Излегуваме во пресрет со расположливиот број на наставници. Вработени се 21 наставник, но потребно е проширување на кадарот, оти има премногу ученици. Некои наставници, на пример, на часот по гитара наместо 17 имаат над 30 ученици, што значи двојно. Ни треба кадар, но и со толку сме задоволени. Последниве години во програмата имаме плус три инструменти, гитара, саксафон и народни инструменти што се покажува во зголемениот интерес и љубов за музиката која се негува кај учениците од најмали нозе и се развива. 

Основано е уште во далечната 1949 година, со приемот на првите ученици и наставата која ја изведувале 5 наставници на чело со директорот Данчо Шиндилоски. Денес училиштето е објект во кој Локалната самоуправа има многу инвестирано. Што сé е направено?

– Санација и реконструкција на покривот, промена на надворешната столарија, реконструкција и обнова на фасадата, компјутер за секое дете, санација и реконструкција на дворното место со бекатон плочки и систем на централно греење – парно на дрво. Сета инвестиција е околу 1,2 милиони денари. Со подобрените просторни услови, училиштето е потопло, има далеку подобри услови на задоволство на наставниот кадар, а, пред сé, на најмладите кои го стекнуваат своето музичко образование.

Се покрена акција за собирање на средства за набавка на концертен клавир. Покрај парите од влезниците од новогодишниот концерт, со средства помогна и Локалната самоуправа, а се вклучи и бизнис секторот?

– Ја почнавме постапката за купување на концертен клавир кој  чини околу 1, 2 милиони денари. Клавирот ќе биде наш, од музичкото училиште, а ќе го користи цел град. Ќе биде сместен во ЦК “Марко Цепенков”. Ќе биди нешто поголем од големиот клавир во салата, односно минимум 186 см. долг, со 88 пипки. Со него ќе можеме да организираме повеќе настани, дури и натпревари, оти без таков инструмент досега не можевме, а и децата што ги праќаме на натпревари свират на таков клавир и наеднаш се соочуваат со сосема друг звук од оној што го вади пијаното. Ќе биде јавна набавка, иако сакаме од марката Јамаха. Ваквиот клавир не е за секојдневна употреба. Ќе го користиме за вежбање пред натпревари, претежно за генерални проби, концерти и за натпревари, кои имаме идеја да ги организираме. Планираме да одржиме семинар по клавир. На почетокот од април ќе гостува врвен професор од Скопје, кој ќе држи часови за децата, а наставникот ќе гледа и ќе се усовршува. Очекуваме тоа да биде Ана Гацева, која е прв доктор на науки по клавир во државава. Дипломирала во Франција и докторирала во Англија.

Училиштето располага со акустични и електрични пијанина, виолини, кларинети, труби, флејти, хармоники, кавали, тамбури, гајди, тапани, тарабука, гитара, саксофон… Сите овие инструменти во секое време се достапни за учениците?

– Децата плаќаат партиципација 200 денари месечно за инструментите. Некои инструменти им ги даваме да вежбаат дома, претежно виолини, флејти, хармоники. Не може секој родител да си дозволи да ги купи, на пример, флејта, оти е доста скапа.

Имате завршено основно музичко овде. Споредба?

– Сé е сменето. Наставните планови и програми. Порано клавир се учеше 6, сега клавир и виолина се совладува 9 години, од прво одделение, напоредно со деветолетката. Соло три години, а сите други инструменти се изучуваат 6 години. Порано кога сакаше можеше да се запише дете, а сега не. И министерството осознава и влегуваме во колосек. Речиси сите наставници се сменети. Млад е кадарот. Тоа е предимство. Има пријателски однос, поинаков стил на работа. На новогодишниот концерт имавме и бенд. Тоа се бара да се слуша, а не само класични дела. Концертот треба да е од позабавен карактер, со друг, попопуларен музички репертоар. Формиравме и оркестар од околу 15 -16 деца, кој ќе одржи концерт на 7 март во кино салата. Замислата е музичкото училиште да има свој оркестар за секакви настапи, за натпревари, за манифестации, оти досега немало. Не го бидува музичко училиште без оркестар. Обично секое основно училиште има мандолински оркестар. Кај нас пред 15 години имаше хармоникашки и сега музичкото училиште наново ќе има оркестар. Децата имаат проби и со една точка ќе настапат на концертот за Денот на жената. И за Прочка ќе настапиме со по еден ученик од секоја класа. Ќе бидеме дел од концертот Прочка вечерта на 12 март во проектот со Локалната самоуправа.

Moment od novogodisniot donatorski koncertСтручноста на висококвалификуваниот кадар се изразува и преку активното учество и во организацијата на државните и меѓународните натпревари?

– Од 18 до 22 април, во наша организација ќе имаме општински натпревари. Подобрите ќе одат на државен од 12-15 мај. И годинава 10 најдобри деца, околу мај, ќе ги испратиме на натпревар во Србија. Ги покриваме сите трошоци, освен котизацијата за учество, оти немаме документ. Голем е интересот за натпревари. Имаме доста награди.

Наградите се потврда дека во музичкото училиште успешно се негува музицирањето на различни инструменти и едукацијата на гласот?

– Последниве 5 години имаме 65 први, 49 втори и 45 трети места на државни и меѓународни натпревари, што за разлика од пред 10 години, кога се земаа десетина награди во годината, сега сме скоро петпати подобри. Тоа го покажува успехот, кој се постигнува заеднички, со талентот на учениците и со педагошката активност на кадарот. Доказ за успешната долгогодишна педагошка дејност се огромниот број државни и меѓународни награди и признанија. Дел од учениците денес се дипломирани музичари и истакнати педагози во земјава и странство.

Наредени инвестиции?

Летово, додека децата се на распуст, планирано е да се стават бетонски плочи на двата ката, плус скалите да се реконструираат. Во тек е постапката за прибирање документи. При крај е проектот и околу април, мај, планираме да го објавиме тендерот.

– Музиката е задоволство, љубов, како да се дисперзира?

– Планираме и посета на градиники, на училишта, да одржиме мини настапи. И не само ние да одиме, туку ги каниме да дојдат што ќе биде поинтересно. Контактираме со неколку градинки и една приватна, да им даваме благодарници на наставниците дека нé посетиле, да одржиме мини концерт во училиштево. Се подготвуваме јавните часови да ги одржуваме на отворено.  На крајот од мај, сакаме маратонски, во една вечер да ги изведеме сите концерти, како во декември кога настапија околу 330 деца на 6 концерти, в библиотека, во фоајето, в галерија, во киното и пак во библиотеката и во фоајето. Истото го планираме под ведро небо. Кај споменикот на Итар Пејо би било идеално за народните инструменти. Би сакале да го промовираме и новиот парк кај Саатот. И така во една вечер да бидеме на 2-3 локации, со половина час разлика и да дојдат не само родителите, туку и други љубители на инструментите.

Визии?

– Да прераснеме во средно музичко училиште. Годишно над 20 прилепчани се запишуваат во Битола. Доколку училиштето би било во Прилеп, сметам дека интересот би бил поголем. Кадарот е соодветен, а има и многу дипломирани, а невработени. Идејата за иднината е да одиме кон средно. Имаме простор, само е потребна концертна сала. Пример, во некоја добра иднина, кога ќе се префрли театарот, да ни ја предадат неговата сала или да се изгради нова. Имаме доволно училници, иако се мали, но се задоволителни, оти наставата е индивидуална. Околу 90 отсто од наставниците имаат кабинети и знаеме кој каде работи и нема врвулица.       

Loading