СТИХОВИТЕ СЕ ГЛАС ОД ДУШАТА

Блага Тутеска со нов поетски изблик „Боите на залезот“

Nov poetski izblik na Blaga Tuteska,,Крај брегот на Црна Река

Се гаснат боите на залезот.

Со денот и ти замина во својот залез…“

Ова се само дел од стиховите во новата поетска  збирка „Боите на залезот“ од поетесата Блага Тутеска. Станува збор за нов силен поетски изблик, кој е импресивен отпечаток на нејзината нежна и чувствителна душа. Стиховите водат во размислата за животот, татковината.

– Пишував од душа за сé што ни се случува во животот, за Македонија, за природата со која сме опкружени. Насловот и корицата се плод на моето време во кое сега се пронаоѓам, а тоа е третото доба, односно залезот на сонцето – вели Тутеска.

Стиховите подолго време стоеле необјавени, освен песната „На бранителите на Карпалак“ која беше на страниците на Зенит. Ја поттикнал сограѓанинот Слободан Беличански, кој ја напиша рецензијата и вели дека е извонреден поетски глас.

– Беличански ми рече дека се потребни резултати од пишувањето. Сега резултатите се пред читетелската публика. Среќна сум што збирката излезе пред мојот роденден – додава поетесата.

Пишувањето за неа е давање свој глас, предавање на емоциите на читателот.

– Поезијата е глас на душата, храна за творецот, но и за читателот – потенцира Тутеска, која  како пензиониран наставник по македонски јазик е автор на две стихозбирки „Ѕуница“ за деца и „Аманет“. Автор е и на есеи во списанието за литература „Корени“ од Куманово и учесник на манифестацијата „Поетско Маркукуле“.

Loading