ПОПУЛАРНОСТ И ОБВРСКИ

Salava i nagarda so uloga - Zarko DimoskiЖарко Димоски, добитник на наградата „Најдобар млад актер“ на Златна Буба Мара

Нашиот  сограѓанин, актерот во театарот Комедија во Скопје, Жарко Димоски, се закити со наградата најдобар млад актер на манифестацијата „Златна Буба Мара“, за одлично одиграната улога на Били Флин во мјузиклот „Чикаго“. Тоа беше поводот за разговор со овој талентиран актер, кој полека го трасира својот успешен влез на театарските сцени.

Што претставува наградата за млад актер?

– Како што гласи и наградата „Најпопуларен млад актер“, носи популарност. Носи и многу пораки и повици, честитки и многу нови соработки.

Признанието е за можеби најважната улога во мјузиклот „Чикаго“?

– Добро складиран товар, извршена одлична мисија. Честа е огромна да се изигра Били Флин, да се живее барем една вечер живот на така добро напишан лик.

Какво искуство е мјузиклот?

– Искуство од огромно значење и како човек и како актер. Да се работи со преку 70 луѓе и при тоа, таа работа да е беспрекорна, бара огромен влог, милитарна дисциплина и комплетна посветеност. Жанровски доста тешка форма, во која мораш комплетно да се дадеш со сите свои сили и сетила. Позитивно искуство од секаков аспект.

Скопјанец, ама наш? Какво е чувството кога ќе се постигне успех во друга средина?

– Кога го сакаш она што го создаваш, кога целосно се посветуваш, кога во секое наредно дело оставаш сé поголемо парче од душата…, тоа се враќа. Тоа не би го дефинирал како успех, туку како возвратена љубов… Нешто што годи, што расположува, што мотивира. Со секое мое остварување се навраќам на Прилеп. Тоа нема да престанам да го правам до крај. Моето родно место секогаш ќе ми биде инспирација. Горд сум што сум прилепчанец, зашто како велат “Кој што заборава од каде потекнува, тој никогаш нема да има дом”.

Имаш ли омилен лик да го изиграш?

– Сакам да пренесам љубов, да инспирирам насмевки, да допрам барем за миг во душите на луѓето, да поттикнам размислување, да создадам нов свет што ќе постои барем два часа секоја вечер во магијата наречена театар. Имам неколку ликови на кои сакам да им вдахнам живот. Некои од нив се Дон Жуан, Шерлок Холмс, Да Винчи, Шајлок, Калигула, Цезар, Казанова, Иванов… Има многу желби, но оставам судбината да го направи вистинскиот кастинг.

Loading