ЅВЕЗДА ВОДИЛКА

ivce1Во еден од нашите дневни весници постои рубрика: ВЕБ – КОМЕНТАРИ. Читаме изјави, мислења, коментари од разни луѓе. Ни го сврте вниманието еден сосема малечок напис, чиј наслов гласи: “Ѕвезди – водилки и ѕвезди – опашкарки”.

Еве го и краткиот текст: “Ѕвезда – водилка е еден од многуте србизми. На македонски е патоводна ѕвезда. Видете го Речникот”. Убаво е од авторот на овој краток текст што се интересира за јазикот. Во однос на србизмите, ќе кажеме уште еднаш дека е лоша, би рекле, опасна појава за нашиот јазик. Навистина е убаво што авторот на текстот се интересира за јазико, но дали има право во конкретниов случај? Дали синтагмата ЅВЕЗДА ВОДИЛКА (на српски Звезда водиља ) е српска или поточно, дали е само српска? Споменатиот автор вели дека на македонски требало – ПАТОВОДНА ЅВЕЗДА. Може и така. Но, дали е погрешно – ЅВЕЗДА ВОДИЛКА? И зошто да е погрешно? Во Речникот (тритомниот) регистрирано е тоа – ПАТОВОДНА ЅВЕЗДА, а именката ВОДИЛКА ја нема (чудно), а ја има само во среден род – ВОДИЛО.

Каква мана и најде авторот на именката ВОДИЛКА? Такви именки има многу во нашиот јазик. Тоа е именка изведена од глагол (води). Во Граматиката на Блаже Конески набележани се наставките со кои се формира именка од глагол. Набележани се и повеќе именки од тој тип. На пример, именката РОДИЛКА, од глаголот РОДИ. Според тоа од жената што дои ќе биде ДОИЛКА, момата што везе ќе биде ВЕЗИЛКА и така натаму. Зошто тогаш, ѕвездата што води (што е еден вид патоказ) да не биде ВОДИЛКА? Рековме дека во Речникот ја нема именката ВОДИЛКА. Веројатно се работи за пропуст. Но во Речникот на Зозе Мургоски регистрирана е таа именка со објаснување, меѓу другото, дека тоа е патоказ. Во новиот Толковен речник е најубаво објаснето. Вели дека водилка е нешто што води, што служи како патоказ. Има приведено и една реченица од литературен текст: “Ѕвездите се мои водилки”. Значи, како што постои ѕвезда Деница, ѕвезда Вечерница, ѕвезда Зорница, зошто да не постои и ѕвезда ВОДИЛКА? Ѕвезда што води. Што служи за определена ориентација. Можеби од Библијата произлегува оваа синтагма. Во Евангелието според Матеја пишува: “И ете, ѕвездата што ја беа виделе на исток, врвеше пред нив, додека не пристигнаа и се запре на местото, каде што беше Младенецот”. Значи ѕвездата им била ВОДИЛКА на тројцата мудреци кои допатувале за да му се поклонат на Младенецот и да му принесат дарови.

Пред малку рековме дека можеби од Библијата произлегува оваа синтагма, но еве сега ќе речеме со сигурност, дека тука е изворот.

Сигурно е дека нашиов напис нема да стигне до авторот на споменатиот текст. Ова го пишуваме повеќе за читателите на весникот. Многумина ќе го прочитаат и можеби ќе им се јави определено колебање. Дали изразот ЅВЕЗДА ВОДИЛКА е србизам? Сметаме дека дадовме доволно аргументи кои укажуваат на тоа дека Србите немаат монопол на оваа синтагма. Колку што е нивна, толку е и наша. Се разбира, таа повеќе би се користела во некоја преносна, симболична смисла. Но од јазична страна, тука нема никаква грешка. Разликата е само во правописот (водилка – водиља).

Еве, сега, да си останеме доследен на себеси и да кажеме пак нешто околу непотребната примена на србизмите во нашиот јазик.

Извесен доктор, објаснува доста широко за определени физички деформитети кај децата. Вели дека, според неговата статистика, во нашава земја, секое трето дете имало рамни стопала. Не можеме да си ја објасниме ваквата грешка – СТОПАЛА. Дали е тоа невнимание, дали е незнаење, дали е увереност дека поубаво звучи кога ќе се употребуваат туѓи зборови?! Зар не знае докторот дека на македонски тој збор гласи – СТАПАЛО, а не СТОПАЛО? Нели со СТАПАЛОТО стапнуваме. Тоа е толку едноставно. Нели имаме именка СТАПКА, именка СТАПАЛКА?! Зборот СТАПКА има употреба и во некои други области. Србите велат каматна СТОПА, кај нас тоа е каматна СТАПКА. СТОПИТЕ во градежништвото треба да се викаат СТАПАЛА, а не СТОПИ.

Кога ќе стапнеме еднаш цврсто на нашето? Не само децата. Во тој поглед, сите сме ДУСТАБАНЛИИ.

Loading