НА СЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ МУ НЕДОСТИГА ДОМАШНОТО

Игор Карчески “се пресели” во Сантијаго поради чилеанската невеста

– И покрај предностите на новиот живот во Сантијаго, го влечат корените од родната грутка

– Чилеанците останале без зборови на ајварот, сармата, селско, грав, посно караванче и други македонски јадења

– Има визија да основа фонд во кој иселениците ширум светот ќе одделуваат барем 100 долари годишно за некој град во Македонија

Дваесет и тригодишниот Игор Карчески веќе девет месеци е 12,5 илјади километри далеку од родниот град. Еден е од четириесеттината Македонци во Сантијаго, во престолнината на Чиле, во Јужна Америка.  Љубовта го однела меѓу осумте милиони жители, потомци на племето Мапуче, колонизирани Шпанци.

1. bracniot par KarceskiБродските патешествија биле виновни што се заљубил и се оженил со чилеанска девојка. Првото пловно искуство на море, работејќи како “хаус кипинг” било судбинско. Откако ја запознал Паулина, љубовта му го заврзала срцето и не ја пуштал од рацете. Пробале и македонски живот во Прилеп, но перспективите биле поизгледни и заминале во домот на неговата сопруга.

– Покрај доброто и тешко работно доживување на брод, се запознавме во 2014 г. Паулина ме фати првите дена и не ме пушти. Во Чиле се работи “смртски”, додека ние зборуваме англиски, а македонски пцуеме. Не е сé така црно на југот од јужната хемисфера. Убаво е млад да осети нешто поинакво – кажува Карчески.

Првин четири месеци се мачеле во Прилеп. 

– Тестот не помина. Немав работа за мене, а камо ли за невестата. Поинаку е во брак. Треба мислење и за партнерот. А и Паулина ја бараше фамилијата, традицијата, земјата. Со македонските примања може да си дозволи еднаш на седум години да појде во Чиле. А ваму не е скап животот, но летот е околу две илјади евра. Се начекува за 1300 евра – вели младиот Игор.   

Љубовното гнездо го свиле во Сантијаго. Се зборува шпански, а Игор освен македонски и англиски не знаел да гукне. Полека, полека се навикнал, тренирајќи хапкидо, боречка вештина за самоодбрана, додека брачната сопатничка предава англиски.

2. Sopruznicite Karceski Vo Viña de marПрилепскиот зет под Андите е воодушевен од природата, вулканите, планините, океаните, во земјата каде секогаш е топло, често се тресе тлото и е богата со руди. Нацијата е полна со традиции. Додека го “крши” јазикот, ужива со телешко, вртено на жар, потпивнувајќи национален пијалок, пеејќи караоке и играјќи латински танци во не така честите седенки кај фамилијата на сопругата. Прифатен е од Чилеанците, но скоро никој не знаел за Македонија.

3. Karche levo na trening po hapkido– Се дружиме со младите од хапкидото. Излегуваме, одиме на многу добро и евтино пиво. Ракија донесов и не можеа да ја пијат. Ме прифатија и најмногу ми помогнаа да го научам шпанскиот. Не можев да опстанам со англискиот, оти зборува само 20 отсто од населението. Фамилијата си го негува јазикот. Одвај се разбиравме. Сега, немам проблем. Фоничен е и брзо се учи. Ме чувствуваат како свој. Прифатен сум и сакаат да се дружат. Интересно им е да им кажувам за Македонија, оти скоро никој не знае за неа. Се спремам да им покажувам магични трикови, како оние со кои ги “врткав” децата во Прилеп – кажува Карчески.

4. Vikendaski kaj familijata na PaulinaОд храната вкусно му било Касуела, чорба со компири, месо, тиква и кочан. Невообичаен е чилеанскиот пијалок “термото”. Тоа е, мешавина од вино, сок од лубеница, сладолед, писко и др. А Чилеанците останале без зборови на македонското мени, приготвено од Карчески.

5.Karcheski vo kulinarski mud– Се зачудија на ајварот. Многу бендисаа селско, грав, посно караванче, јавнија. Во Прилеп, Паулина ги лижеше прстите кога на трпезата ќе се поставеше сарма. Мерак имаше и за скара. Се погоди периодот на слави и í беше чудно како толку многу луѓе се собираат во една куќа – кажува Карчески.

Од предностите во странство ги истакнува можностите за платена работа. Просечна плата е 800-900 долари, а професор заработува 1200 долари. Рударите се најдобро платени, а пожарникарите се волонтери, работат без пари.

– Разликата меѓу западниов систем со нашиот е како магаре и козметика. Работа има и не треба да си политички определен, ниту некој прашува за националност. Дозволено е сé да се работи ако имаш диплома или знаеш занает. И исплатливо е. Размислувам меѓу три работни ангажмани. За обезбедување во супер маркет или во трговски со хипкидово. Или за растоварање на стоката во супер маркет, оти е американска и им треба некој со добар англиски. Или трета можност е да работам во рудник за 2000-3000 долари плата. Во економската статистика се подобри и младите. Многу се поработливи уште од 16-17 години. Се чудат дека кај нас се на товар на родителите млади на 35 години и немаат еден работен ден во животот. Чуден е малку системот. Не се работи на смени, туку еден минимум 10-11 сати, од 8 на сабалје до осум навечер. Турбо. Плус еден саат до работа, оти сé е далеку. Во викенд не се работи, но е исцрпувачки и е потребен одмор. Смешно им е дека во Македонија гледаме да излеземе на кафе, а не вадиме пари за тоа. Цените на животот, храната, облеката се слични. Исто е месото, млекото, а зеленчукот е дури поевтин. Облека има за сечиј џеб, од најскапа до кинеска. Скапи се рестораните и кафетериите. И не шетаме многу, повеќе сме дома. Потребен е еден саат да тргнеш, еден да се вратиш и подобро е да седиш дома. Не се “опседнати” со ноќен живот како кај нас. По кафулиња одат само тинејџери од 16-17 години, а постарите еднаш месечно – појаснува Карчески.

6. Igor Karcheski si registira Chileanska nevestaИма што да се научи од Чилеанците, а и тие од нас можат да ја примат социјализацијата.

– Од нив можеме да научиме да го цениме своето, како да ја сакаме земјата. Често на брод се случуваше да седиме 10 Македонци и еден Србин и сите зборуваат српски. Чилеанците го ценат јазикот и традициите. Кога го слават Денот на независноста, цел месец знамето се вее пред куќата. Почудни се, но во размислувањата се подобри. Од нас можат да го “земат” социјалниот живот. Прилепчани се дружељубиви, социјализирани, а во Сантијаго се студени, нема дружба, не се поздравуваат со соседите, нема кафе едни кај други. Тоа е недостаток – додава Карчески.

7. Prilepsko isprakjanje za ChileИ покрај предностите, не гледа којзнае каква перпсектива. Го влечат корените од родната грутка. Има визија да основа фонд во кој иселениците ширум светот ќе одделуваат барем 100 долари годишно за некој град во Македонија.

– Се трудам да се навикнам и прилагодам. Учам јазик, традиции, култура, однесување, но недостига нашето. Треба да си без емоции, па да ти биде лесно. Ми недостига дружбата, фамилијата, традицијата, храната како што ја готви мајка ми, чаршиското кафе. Не е како што велат, почетокот издржи го, после е лесно. На почеток не се сеќаваш кај си, што правиш, шеташ, сé ти е интересно, си велиш вака цел живот можам да терам, но после сфаќаш дека си далеку од дома. Колку и да се навикнеш и колку и да те прифатат, цел живот си странец. Убаво е да видиш друга земја, но да се вратиш дома. Барем да си идиме Прилеп двапати годишно. Овде не се плашиш дали ќе преживееш. Но, на секој Македонец му недостасува нашето, колку и да се прави дека му е поубаво во странство. Ме недостасува и снег, и толчени пиперки… – со носталгија кажува Карчески.

Ставиле потпис на венчалната книга во Чиле. Но свадбата сигурно ќе ја прават во Македонија, со сите наши традиции. 

Loading