Блага Тутеска со нов поетски изблик „Боите на залезот“
,,Крај брегот на Црна Река
Се гаснат боите на залезот.
Со денот и ти замина во својот залез…“
Ова се само дел од стиховите во новата поетска збирка „Боите на залезот“ од поетесата Блага Тутеска. Станува збор за нов силен поетски изблик, кој е импресивен отпечаток на нејзината нежна и чувствителна душа. Стиховите водат во размислата за животот, татковината.
– Пишував од душа за сé што ни се случува во животот, за Македонија, за природата со која сме опкружени. Насловот и корицата се плод на моето време во кое сега се пронаоѓам, а тоа е третото доба, односно залезот на сонцето – вели Тутеска.
Стиховите подолго време стоеле необјавени, освен песната „На бранителите на Карпалак“ која беше на страниците на Зенит. Ја поттикнал сограѓанинот Слободан Беличански, кој ја напиша рецензијата и вели дека е извонреден поетски глас.
– Беличански ми рече дека се потребни резултати од пишувањето. Сега резултатите се пред читетелската публика. Среќна сум што збирката излезе пред мојот роденден – додава поетесата.
Пишувањето за неа е давање свој глас, предавање на емоциите на читателот.
– Поезијата е глас на душата, храна за творецот, но и за читателот – потенцира Тутеска, која како пензиониран наставник по македонски јазик е автор на две стихозбирки „Ѕуница“ за деца и „Аманет“. Автор е и на есеи во списанието за литература „Корени“ од Куманово и учесник на манифестацијата „Поетско Маркукуле“.
![]()

