Теко Солар
Дваесет и осумгодишниот Роберт Митрески – Мукле, итајќи во бизнис водите, открил перспектива во соларните системи. “Главоболката” со високите сметки за електрична струја, ја претворил во бизнис идеја за специјализираната продавница за соларни системи Теко Солар. Првин една година терал продажба во импровизирани услови. Кога соларните колектори почнале “да се трошат како алва”, а интересот на потенцијалните муштерии растел, се наметнала потребата за изложбен салон. Од неодамна се прибрал во посебен и уреден простор, каде на лагер, објаснувајќи им како функционираат, им ги понудува на муштериите предностите и заштедите од експлоатацијата на сонцето преку соларните системи.
– Електричната енергија е многу скапа, а домашните бојлери се “виновниците” за уште подебелите сметки. Заштеда се постигнува со соларните колектори. Штедат и се обезбедува комфор со бесплатна топла вода цела година. Почетниот влог што ги “плаши” многумина, се враќа за помалку од една година. Минимум 1000, 1500 денари се намалува сметката. Соларното овозможува уживање бадијала, оти колекторот позајмува енергија од сонцето и му ја предава на бојлерот, било за капење, миење, и тоа во секое време. Нема зима со соларните системи, оти има доволно топла вода и кога нема сонце. Ако е облачно, водата може да се дозагрее со економичен грејач. Колекторите се во постојана функција и на најмал зрак сонце. Не боли главата од многу топла вода – кажува сопственикот.
{AG}391/2{/AG}
Кај Митрески има сé на едно место. Нуди комплет Теко соларни системи со 100 до 300 литарски бојлери, по слободен пад и под притисок, кои не само што се конкурентни по цената, туку и во однос на квалитетот. Нуди и инсталација и сервис, што е поисплатливо. Од едно место се купува со вклучена монтажа, без трчање по мајстори или па, да се ценкаат за цени. Со искусни монтажери, брзо и ефикасно за неколку часа, колекторот е на покривот, па дури и надвор од градов. А веќе следниот ден муштеријата има врела вода за капење во славината или за други потреби без да се троши струја.
– Квалитетот на Теко солар е проверен на “својата кожа”. Од повеќето видови, го избрав, оти се докажани најквалитетни соларни системи. Комплетно се изработени од инокс материјал. Не ги гризе корозија и се издржливи на секакви надворешни влијанија. Цевките се вакумски и не мрзнат. Зиме се ефикасни до минус 30 степени. Електрониката е “Пионир”, по германска лиценца. Гаранцијата е една година, а на бојлерот седум години – додава Митрески.
Можеби фирмата е млада, но користејќи го искуството од терен, Митрески е во состојба на клиентите да им понуди најповолно решение, во согласност со потребите. Не познава граници кога е во прашање монтажата. Го бидува и за инсталација на било кој покрив, на било кој објект, па, дури и ако клиентот живее во колективен станбен објект без разлика на кој кат.
– Гарантирам за квалитетот на сработеното. На располагање сум им на муштериите за сите нејаснотии околу користењето. Се трудам да им објаснам детално и да им ги отстранам дилемите и стравувањата. Од помош ми се фотографиите од монтажите, преку кои им демонстрирам како сето тоа изгледа. Полека, полека, се вклопувам во трендот на соларните и дури “откривам трикови”. Ако муштеријата живее во стан, соларното може да се инсталира, така што системот се спроведува по вентилацијата, без копање и никакво оштетување на плочките – кажува младиот Митрески.
Заштеда на струјата направиле многумина, не само во Прилеп и Битола, туку и во околните села. Сработиле нешто и во Кавадарци, па и Велес. Олеснителна е можноста за плаќање до 36 рати, или со профактура, ако корисникот е кредитоспособен. Прави и договори за субвенции од Владата.
– Се “преродив” со дуќанот. Добро е и за клиентите и за мене. Има поголем интерес и посетеност. Ме радува што на сите монтирани соларни системи нема забелешки и муштериите се задоволни – додава Митрески.
Како и секој млад бизнисмен, негува надеж за проширување и зголемување на бројот на вработените. Се стреми да го збогати и асортиманот на соларна опрема, што ќе ја “исперчи” во поголем продажен објект, спасувајќи повеќе муштерии од давачки за струја и обезбедувајќи бесплатна топла вода на поширок регион.