ЌЕ СЕ ГРАДАТ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ ВО МАРИОВО

Struja od MariovoВо рок од шест месеци ќе се распишат два конкурси за концесија за производство на електрична енергија за период од 23 години. Првиот е за 37 мали хидроцентрали со инсталирана моќ од 27,9 мегавати. Локациите за најголем дел од нив, вкупно 11, се наоѓаат во сливот на Црна Река во Мариово, по водотеците на Жаба, Брезовска, Камена, Бела Река, Градешка, Бутрица и Сатока. Останите се на други водотеци во земјава.

Владата ќе распише јавен повик за градба уште на 11 мали хидроцентрали или вкупно сите да имаат инсталирана моќ од 32,7 мегавати. Капацитетот е еднаков на ветерниот парк во Богданци или на хидроцентралата Света Петка на реката Треска, што е доволно за снабдување на 60 илјади граѓани или колку град како Прилеп.

Изградбата на една чини во просек околу два милиона евра или вкупната инвестиција е 100 милиони евра.

– Водите како добра од општ интерес се доделуваат на концесија за производство на електрична енергија заради обезбедување услови за искористување на енергетскиот потенцијал на водите како обновливи извори на енергија и за развој на енергетскиот сектор. Со концесијата се овозможува и намалување на потребата од увозна електрична енергија, намалување на емисијата на гасови и придвижување на локалната економија – се вели во владината одлука.

Комисијата треба да ја подготви тендерската документација.

Во земјава веќе работат 56 повластени производители на електрична енергија од мали хидроцентрали со инсталирана моќ од 53,97 мегавати.

Се градат уште 31 мала хидроцентрала, кои се очекува да бидат пуштени во употреба до 2017 година.

Loading