ЈАВЕ НА СОНОТ ОД ДРВО

Дрво профил

1Стариот дограмаџиски занает, Влатко Стеваноски го наследил од татко си. Негувајќи ја дарбата која ја има во гените, во 2007 г. се родила фирмата Дрво профил. Со дрвото си “играл” од дете, плеткајќи се околу единствената таткова машина. Иако во скромни услови, учел и помагал во изработката на дрвени внатрешни врати. На 20 години заминал на студии во Австралија, ама толку бил “вљубен” во занаетот што и таму го работел.

Го влечел поривот за сопствен бизнис. Се вратил да се занимава со производството од дрво професионално. Дури го проширил асортиманот со нови производи. Специјализиран за создавање внатрешни врати од секаков материјал, претежно од дрво, било бука, било јасен, орев, а од неодамна и обложени со медијапан, ја збогатил понудата и со надворешна дрвена дограма. Дури ги совладал и освоил марифетите за производство на лајсни за паркет, душеме, ламперија, и тоа 40 видови. Давајќи му на дрвото душа, се “вплеткал” и во уметноста, изработувајќи и резбарени врати, претежно за манастири, како оној во Зрзе. Во него не мирувала дарбата за бизнис, туку отишол уште еден чекор подалеку. Веќе е тата-мата за производството на мебел од дрво и тоа најмногу комоди, кујни.

Drvoto mu e vo krvta na dogramadzijata Vlatko Stevanoski2– Се селектираат занаетчиите. Секој гледа да специјализира, на пример само за врати. Таков е и нашиот занает. Ми остана аманет од татко ми, кој е во пензија, да продолжам, исклучиво со дрво. Не е едноставно, но дрвото е природа, создава топлина, амбиент,  незаменливо е, иако е поскапо. Нужно е материјалот да е сув, а процесот минува низ едногодишна технолошка постапка. Потешко се тера бизнис, но успеваме да се соочиме и да ги реализираме сите предизвици во секакви околности и услови – кажува Стеваноски.

Како професионалец, клиенти привлекол не само во градов, туку низ цела држава. Дури повеќе навлекол надворешни муштерии. Источна Македонија му е веќе освоен пазар. Препознатливоста ја создал со предавање на чувства на дрвото, а тоа го откриле и муштериите кои го бараат повторно и го препорачуваат. Нивното задоволство е и негов ќеф, зашто сработените предмети ги дожувува за круна, епилог на креацијата, на делото, небаре експонат за изложба.

Вратите од дрво се најбарани, оти малку мајстори ги создаваат овие комплицирани производи.

Drvoto mu e vo krvta na dogramadzijata Vlatko Stevanoski– Лајсните се веќе стандард. Сé повеќе се бараат и врати од медијапан. Тоа е олеснителна околност. Поедноставно е, оти  располагам со готов репроматеријал во секакви бои, за дизајни на  копаничарскиот, резбарскиот дел, што се прави на ЦНЦ машина. За исполнување на визиите на муштериите, се нудат и врати со украсни лајсни – вели сопственикот Стеваноски.

Би се посветил повеќе на резбата, ако има поголема работна сила, оти тоа е творештво кое бара време и посветеност. Единствен предизвик за Стеваноски е желбата на муштеријата.

– Резбарењето на дрвото е специфично. Располагам со алат, но претежно се работи рачно. Треба да се обрне внимание, нужно е искуство, мајсторилак, оти ситници се прават вешто, рачно и прецизно. Дрвото бара посветување да се оствари идејата, да се види јаве на “сонот”. Не е тоа серија, туку уникатност – додава Стеваноски.

Тој најавува инвестиции во нови машини за воведување актуелни производи. Тоа е плод на посетите на саемите во Белград, Турција, Германија, низ постојано следење на трендовите во продукцијата, што е неопходно за иновативност на бизнисот.  

Loading