КАДЕ ШТО МЕСИ ДРИБЛА, ЧКРИПЕСКА СОВЛАДУВА КИЛОМЕТРИ

Атлетика: Одличен настап на нашата најдобра маратонка

– Прилепчанката победи во три категории на Каталонија

Dvojna rekorderka - Milena CkripeskaВо шпанската провинциска метропола Барселона имаше врвни атлетски, маратонски натпревари и кој би претпоставил дека меѓу учесниците беше наша девојка, прилепчанка, Милена Чкрипеска. Не само учесничка, туку и победничка! Да се појде таму и да се биде дел од трките е успех, а камо ли да се победат сите конкурентки. Капата долу за сограѓанката, членка на ОК Златоврв и АК Академик Џамбазовски. Нé информира за резултатите, а тие се за почит.

– Резултатите се во период од четири недели. Настапив на полумаратонот во Виланова и Ла Гелтру во Шпанија, што беше и Универзитетско првенство на Каталонија. Претставничка бев на мојот универзитет Помпеу Фабра од Барселона и еве го исходот – прво место за жени во апсолутна категорија, прво место за сениорки и прво место на универзитетското првенство на Каталонија – вели Чкрипеска.

Во атлетиката, особено во маратонот, нема лесни трки, оти секогаш борбата не е само со противничките, ами и со километрите. На официјалните билтени се гледаат успесите. Растојанието од 21,097 км. го претрча за 1,26,01 часа. Високиот резултат влегува во аналите на македонската атлетика и маратонското трчање. Ниедна атлетичарка во земјава претходно нема истрчано за пократко време.

– Постигнав нов државен рекорд во полумаратон. Претходниот беше на скопјанката Весна Кираџиева, поставен во март 2014, во Горица, Италија – задоволно кажува Чкрипеска.

Барселона е најпозната по фудбалот и генијалецот Меси. Во близина каде тој дрибла, љубителите на атлетиката се одушевуваат од трчањето и издржливоста на Милена. Таа како да се претплати на соборување на рекордите. Пак “жртва” е Кираџиева. Како што тргнало сите нејзини постигнувања се со кус век само поради врвната форма и упорноста на прилепчанката. Се работи за трка на 10 километри, четвртина маратон, сепак долга и тешка патека.

– Таа трка беше во Сан Себастијан, Баскија, Шпанија. Ја минав за 39,12 минути. И тоа е државен рекорд. Претходниот на Кираџиева беше 40,64 минути во Скопје – споредува новата рекордерка.

На целосниот маратон од 42,195 километри се проба Чкрипеска. Го истрча докрај блиску до трет рекорд. Таа цел е оставена за блиска иднина. Дотогаш нека има нешто со што ќе се пофали најголемата конкурентка. Последниот настап со маратонот се случи пак во Шпанија, но во Валенсија,

– Најдолгата патека ја поминав за 3,11,58 часа. Тоа е второ најдобро време во историјата на женското маратонско трчање во Македонија. Кираџиева претходно во Милано истрча за 3,07,51 и се уште е рекордерка. Задача ми е е да ги достигнам тие 4 минути и 7 секунди разлика – открива Чкрипеска.

Презимето Чкрипески е често споменувано во маратонските трки, бидејќи покрај Милена, успешно учествува и сестра í Мери.

Loading