МАТЕМАТИКА И ФИЗИКА КАКО ПОДМАЧКАНО

Едукативен центар Матгениус

Prijatno katce za so lesno ucenje matematika -   NaumoskaИако била дипломиран електроинженер, профил кој обично се бара на пазарот, Сузана Наумоска имала горчливо искуство. Многу години била невработена. Кон струката се надоградила со педагошки испити. Не откажувајќи се од амбициите, се пронашла во математиката, физиката и природните науки кои отсекогаш í оделе од рака, како нешто што ја исполнува. Иако повозрасна, со владините средства, направила смел чекор, впуштајќи се во бизнис водите со едукативен центар за математика и физика “Матгениус”. Најпосле создала катче за подучување на децата, наместо како претходно дома, кога им помагала на пријателите, роднините.

– Нужна е потребата за стручна помош, особено за помалите возрасти. Родителите секогаш се зафатени. Колку и да сакаме да им обрнеме внимание, не можеме да им се посветиме колку што е потребно. Најголемиот проблем е ставот дека детето не го бидува за математика и физика. Да, не секој има екстра талент, но ако се фати работата од почеток, со малку повеќе труд, секое дете го бидува. Начинот на живот има постојана потреба од математика. Речиси нема факултет каде барем една година не се изучува математиката, макар и во поблага форма. Секој треба да има барем основни познавања – вели Наумоска.

Со едноставни едукативни методи, индивудално или во мали групи во времетрање од 60 минути, им помага на сите основци и средношколци во совладувањето на материјалот по математика и физика, како и забавна математика за предшколска возраст. Им стои на располагање во изучувањето на наставниот материјал и редовните вежби, помош со домашните задачи, подготовка за матура и екстерно тестирање, како и интензивна подготовка за тестови и подготовка за работа по Кембриџ програмата. Во тек е со сите наставни програми и материјали за што постручна помош. Претпочита минимум 2 часа неделно во континуитет, со совет и дома да вежбаат – било “зададената домашна” или одновно да ги пререшат задачите.

– Практикувам работа во помали групи од 2-3 деца, за да се посветам на секое дете да ја разбере материјата. Гледам да бидат групирани со знаењата тука-некаде, да нема пропусти. За да има успех, потребно е континуитет и децата да имаат доверба, да се чувствуваат слободни, додека им го пренесувам знаењето на наједноставен и најлесен начин. Да не биде “леле, математиката е многу тешка”, туку да се насмееме, да научиме преку игра, но она што треба да се научи – мора да се научи. Материјалот секогаш се надокнадува, не оставам ништо да биде пропуштено за да се држи темпото – објаснува Наумоска.

Се радува што наишла на позитивен прием и кај родителите и кај децата. Ја исполнува што децата доаѓаат на часовите со ќеф, а си заминуваат, велејќи “многу слабо ми одеше математика, но не била толку тешка како што мислев”. Во секое време стои на располагање. Дури помага и во решавање на задачи по телефон. Најмногу се интересираат основниците од 3-9 одделение. Средношколците претежно се подготвуваат пред тест, а студентите пред колоквиумска недела или испитна сесија.

– Задоволството се гледа во детските очи. Љубопитни се, ја засакуваат математиката, оти не е само класично спремање, да дојди 60 минути и да им кажам, што ќе им кажам. Цело време се работи со децата. Ако нешто не им е јасно, прашуваат. Се случува после тест да ми се јават да се консултираат како ја решиле задачата. Од тоа се најмногу задоволни, оти знаат дека не се оставени на цедило. Во контакт сум и со родителите, да видиме каде и што сме пропуштиле, максимално да обрнам внимание на сé – додава Наумоска.

Мерак í е да работи со децата, да бидат задоволни додека ги откриваат новите видици на бројките и операциите и додека ги осознаваат тајните на физиката. Со носи со идејата да ги вклучи и децата од предучилишна возраст, како подлога кога ќе стартуваат во прво одделение и кога ќе наидат на огромен материјал. Остава чекор по чекор да се развива, негувајќи надеж за проширување и ангажирање на колеги.   

Loading