ПОСТЕЛНИНИ ПО МЕРКА ЗА СЕЧИЈ МЕРАК

К-К компани

So nad 90 dezeni na postelnini dukanot e pretesen -   ZvezdakoskaПреокупација на Васе Звездакоска, на која така речи “младоста í поминала во шиењето”, í се постелнините по мерка. Вооружана со 12 годишно искуство по конфекциски фабрики, веќе четврт месец е завлезена во бизнис водите со “К-К компани”. Поттикната од идејата што во градов немало шиење по мерка, полека, но сигурно напредува, оти бизнисот го “крстила” по ќерките Ксенија и Клеа, кои í носат среќа. Тргнала скромно со седум модели и со скептичност дека нема да го наполни и онака малиот дуќан. Така стигнала и до над 90 модели. За кусо време дуќанот веќе í е тесен. Ориентирана е на шиење на долни чаршафи, перници, навлаки јоргански, дури и пердиња по метража. Врши и интервенции за продадените модели во бутиците, кусење, менување патенти на палта, јаки, фустани, панталони, корекција на облека. Им излегува во пресрет шиејќи тк-м-тк., облека, небаре конфекциска, како налиена на телата. Се забораваат маките за скусување и на постелнината. Со мајсторсаката умешност нема нервоза за затскривање на чаршафот под постелата на спалната, гарнитурата или детските креветчиња. Муштериите добиваат две арна, одбираат по мерка, и по дизајн и комбинација, горе еден, долу друг дезен. Кусо е и времето на изработка. Еден круг низ чаршија или едно кафе готова е единечната, па и двојната постелнина.

– Малку им е ново, оти беа научени 1,6х2м., единечните и 2х2,2м., двојните постелнини, па ги туркаа под мадраците да им изгледа убаво. Долните чаршафи се шијат со ластици, да бидат таман и да не се нескладни. Штепуваме и јоргани и прекривки за ќош, за тросед, твосед и фотелја. Се прави сé што може да се замисли, дали со ластик, дали со анфас. Порачката стасува за половина саат, ако се немаме зафатено со друго или закажуваме кога е готово. Земаме мера лично. Сами цртаме димензии. Има и готови модели, но повеќе ги сакаат по мерка. Материјалите се од палетата на Мелиса. Квалитетни, не се собираат, не паѓа боја, можат да се перат и на 60 степени – објаснува Звездакоска.

Иако е мајка на две помали деца, вели дека има време да го тера бизнисот. Ја исполнува мислата дека прави нешто убаво. Интересно í е што сé почесто мажите одлучуваат, мешајќи се во изборот, домот да биде во складни бои. Најголема помош í е 10-годишната ќерка, која í дава идеи за дезените. Задоволството на клиентите е уште поголемо, оти ем креветот убаво им е послан, ем за малку пари. По 600 денари се единечните, а по 700 и 800 денари двојните комплети од долен чаршаф, навлака за перница и навлака јорган со патент. Научила доста “трикови” за покривање вез, бод од игла, кои гратис им ги дава на муштериите, кои можат да ги искористат старите алишта.

– Ангажирана сум и ме исполнува комуникацијата. Ги остварувам барањата на муштериите. Главни се децата. Ако ги привлечеш, тоа носи успех. Излегуваме во пресрет за крштевки и родендени. Најмногу се учи од децата. Даваат идеи. Тргнувајќи од моето дете, ми кажува дека овие цртани филмови се актуелни. Така се одбираат и набавуваат дезените. Научив постелнина да натуткам в балон, а дезенот супермен да биде надвор како да лета. Мислеле дека балонот е таков, а не дека е постелнина. Ако сакаш да работиш, не е тешко. Се прилагодувам на различните карактери, оти важи старото правило дека муштеријата секогаш е во право, па ако настане грешка се корегира – додава Звездакоска.

Најнови се јорганите од една страна полнети со силикон, а од другата со молтотекс, кои држат топлина и се прилагодуваат на температурата на телото. Ги дава поединечно, дури и комплет со постелнина, искомбинирани со ист дезен, по уште поприфатлива цена. Привлекува внимание со доделувањето награди по социјалните мрежи.

– Со споделување на фејсбук, добиваат награда по нивна желба, дали прекривка, јорган или комплет. Се радуваат и се привлекува внимание. Оној кој дава, три пати му се враќа. Девојченце наградено, дојде после со другарки на кои им се бендисала постелнината – кажува шијачката. 

Звездакоска, полна со идеи, не запира. Очекува нова машина за штепување, на која ќе создава свои креации, ќе прави комбинации на дезени според желбите на муштериите. Вели дека ништо не е недофатливо  со добри машини. Се носи со идеја да полни јоргани со гускини и пајкини пердуви, на кои и таа би спиела, оти биле меки, нежни и лесни. 

Loading