АТЕЛЈЕ ЗА СВЕЧЕНОСТ ОД БАЈКИТЕ

SPECIAL EVENTS
Polni so kreativnost i fantazija za organiziranje i   dekoriranje svecenosti - Toseska i Arsovska
Комплетна организација на секакви свечености, декорација, кетеринг – изработка и аранжирање на маси со храна и овошје, гифт шоп – секаков вид на подароци, украси, апликатори за невести, изработка и аранжман на цвеќе…. Секаде каде се бара креативност, фантазија и идеи за крштевки, венчавки, родендени како од бајките, со сериозен пристап и професионалност стојат на располагање јатрвите Ана Арсовска и Николина Тошеска со нивниот “SPECIAL EVENTS“. Сонот на Арсовска се остварил со помош на владини средства во градот на сопругот. Заднина биле стекнатото искуство во родниот Ресен, па и три годишниот ангажман во Канада. Јатрвата Тошеска била “виновникот” кој ја поттурнал да се осмели да зачекорат во бизнис водите. Здружувајќи ги идеите, совршено се вклопуваат, едната користејќи ја креативноста, а другата вештините за организација.

– Овозможуваме комплетна услуга до најситен детал. Од покани, планирање на свеченоста, наоѓање музика, фотографи, венчаници, до внесување на гостите и сé што доликува за една церемонија на радост за паметење за век и веков. Семејната веселба треба да биде бајка, остварување на мечтите за на насловна страница на магазин и гледаното на ТВ во странство да се доживее во прилепска средина. Ги олеснуваме подготовките. Покажуваме дека нема место за стравување дека нешто ќе затаи, туку бодриме и помагаме сé да биде уредено под конец, според желбите на муштериите. Дури најмуваме хостеси за сместување на гостите на свадби, келнери за дома, да не се заморуваат, мајките, татковците, славениците, сватовите. Блиските да не се “малтретираат”, туку да се чувствуваат како гости на својата свеченост – објаснува Арсовска.

Не оставаат простор за забуна и оптоварување, туку желбите на клиентите за нив се закон. Секоја свеченост ја доживуваат специјално, како да е прва. Иако кај луѓето преовладува мислењето дека се цвеќарница, со ангажманите нудат широка палета на понуди. Станува збор за пакет услуги – организација, декорација, кетеринг, и гифт шоп за подароци, и цветни аранжмани со букети, икебани… Стојат диван од планирање до реализацијата на веселбата.

Иако се новајлии, “фатиле” 4-5 свадби, 2-3 крштевки, аранжирале и кумства. Допрва следат тематските роденденски забави,  деловните декорации за отворање на фирма, испраќање во пензија… Задоволни се од подарената доверба на оние кои дозволиле креативно да им го разубават или надополнат настанот. Сите заминуваат со импресија дека вредело. Благодарни се што ги спасиле од напорните подготовки на организацијата на свеченостите.

– Првин се изненадени и зачудени. Претежно странците ја доверуваат организацијата, оти знаат дека тоа е голема мака, не можат да ја спремат свадбата за една – две недели додека се во родниот крај. Комуницираме преку интернет, испраќаме слики да им ја доловиме атмосферата, како тоа би изгледало. Некои имаа посебни желби. Наместо китенки, сакаа беџови, табли за автомобилите, свежа икебана… И нема место за страв од астрономски цени. Не е скапо. Услугите се прилагодуваат на стандардот и искористениот материјал. Понудите се за сечиј џеб – вели Тошеска.

Приоритет на Арсовска í е од ништо да направи нешто, со креативни решенија кои одземаат здив.

– Ме исполнува декорирањето. Ми лежат ситниците, деталите, и неможното, оти не постои такво. Сé е можно со идеја. Не е само да разгледаш од интернет, туку да создадеш иновација. Од парче органтин да направиш нешто, да го вклопиш… На пример, вино во корпа со свежо цвеќе, бонбоните да не бидат расфрлени, туку во грозд, во капа, кутијата да изгледа торта. Да биде интересно, примамливо, ефективно – додава Арсовска.     

Тошеска е подобра во организацијата. За свадбите како најмасовни, “бара” матично, црква, сала, костим и венчаница за младите, снабдување на кумата…

– Организаторот е најкрупниот ангажман. Тоа е клучот на успешната прослава. Најубаво да се тера од почеток, а не да се најдеш во средина, од нигде никаде. Преземаме одговорност сé да биде тк-м-тк. Треба да се охрабрат клиентите да им исчезне скептицизмот дека веселбата ја довериле во вистински раце и ништо нема да мрдне надвор од нивната замисла – додава Тошеска.

Привлекуваат и со уникатно уредениот дуќан. Љубопитните, воодушевени од стилот, свратуваат и стануваат муштерии оти им е погоден вкусот. Придонес има пристапната локација на прометно место со паркинг. Нудат и свежо цвеќе, букети, подарок на попатно минување. Газејќи внимателно, чекор по чекор, муштериите се навикнуваат.

Loading