Вторпат, за помалку од пет години, на граѓаните им се овозможува да поднесат барање за легализација на бесправно изградените објекти. Владата подготви законски измени со кои се предлага до 31 март 2016 година да се продолжи рокот на поднесување на барања за легализација на дивоградбите, а оние кои веќе имаат поднесено барање ќе можат да ги достават геодетските елаборати најдоцна до 31 декември 2016 година. Услов за поднесување на легализација за објект е тој да биде изграден заклучно со 3 март 2011 година.
Предложените законски измени овозможуваат легализација на дивоградби изградени на приватно земјиште. Сопственикот на објектот ќе може да го озакони изграденото доколку во моментот на изградбата на објектот земјиштето било во сопственост на Република Македонија.
– Измените предвидуваат заштита на правата на сопствениците на земјиштето преку обештетување од страна на лицето кое го легализирало објектот. Сопственикот на земјиштето или неговите наследници имаат право да побараат надомест за земјиштето без временско ограничување и доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето побара надомест на земјиштето, тогаш ќе се земе предвид пазарната цена на земјиштето во моментот на поднесување на тужбеното барање – изјави министерот Владо Мисајловски.
Со измените се дава и можноста да се легализираат објекти изградени на државно земјиште со право на користење на други физички или правни лица, без да се заверува изјава на нотар за тоа колку време го користат земјиштето. За сите овие предлози ќе треба допрва да се изјаснат пратениците во Собранието.
Во Прилеп беа поднесени околу 15.000 барања од кои се легализирани околу 9.000 илјади објект.
Легализацијата во земјава се одвива споро. Од 360.000 барања за легализација, само 175.000 се комплетирани со геодетски елаборати, а локалните самоуправи и катастарот ја завршиле административната работа за легализација за 135.000 барања.
![]()

