МАГИЧНАТА МОЌ НА РАЗГОВОРОТ КАКО ЛЕК

Психолозите во функција на помош на личноста

– Од неодамна во Прилеп функционира тренинг центар за личен развој, комуникациски вештини и советодавна работа

Se stavaat vo cevlite na drugi - Kristina Pavloski Moni Kuzmanoska Maja Trompeska i Dusica AleksoskaСакајќи да ја искористат моќта на професијата и техниките и методите да ги стават во функција на граѓаните, а следејќи ги трендовите кои ги наметнува современиот начин на живот, четири дипломирани психолози од градов, тргнаа во авангардна мисија, нудејќи им на сограѓаните совети, техники за зголемување на комуникациските вештини, како и тренинг за подобрување на личниот раст и развој. Нудат помош преку советување, поседуваат алатки и механизми како инструменти кои ќе í помогнат на личноста или семејството да го надминат проблемот за кој потрошиле многу време и енергија во барање решенија кои се покажале како непродуктивни. Кристина Павлоски, Мони Кузманоска, Маја Тромпеска и Душица Алексоска веруваат дека нивната стручност ќе наиде на разбирање кај сограѓаните. Реализираат програми кои опфаќаат групи за поддршка, работилници, советодавна работа во семејствата. Како психолози може да помогнат и откријат каде настанал и кој го носи проблемот, како се справувал носителот и тие околу него да научат како функционално да го решат заедно.

– Се работи во една стерилизирана атмосфера, каде имаме изградено тотална доверба – основаме близок контакт со семејството, и можеме да се ставиме во чевлите на другиот, ги разбираме вашите барања и потреби, советникот го овозможува развојот и го поттикнува себеостварувањето кај индивидуата или семејството. Работиме со  семејства во криза – болести на зависност, адолесцентна криза, малолетничка депресија или деликвенција, нарушени партнерски релации, како да изградат нов вредносен систем за решавање на идните проблеми, како да се слушаат еден со друг партнерите кои можеби имале непродуктивен начин на комуникација, иако биле одлични родители, но не и партнери. Од семејството ги носиме научените однесувања кои автоматски ги пренесуваме и создаваат пречки во понатамошното однесување, па ги пренесуваме и на децата. Помагаме во надминување на секојдневните проблематични ситуации. Нашата функција е советодавна, кај нас семејствата доаѓаат кога не можат да се справат со актуелниот проблем, како да ги надминат потешкотиите и како да се победиме себе си. Тоа не е процес од кој треба да се плашите, тоа е процес каде што се грижите за вашето ментално здравје и си помагате себе си – вели Душица Алексоска, дипломиран психолог, член на здружението, а чија специјалност е трансакционата  психоанализа.

Праксата е збогатена со клиринг и трансакциона психоанализа. Преку техниките се разгледуваат потешкотиите произлезени од меѓусебните односи со другите, со подигањето на личната свест преку издејствување на нови промени во животот. Помагаат во решавањето на релациските пораки што ги испраќаат луѓето, како да се промени наученото сценарио од нашите семејства и да направиме нов контекст во замена за стариот кој бил непродуктивен. Работат и со групи за поддршка.

– Знаејќи дека секој човек побрзо би споделил информација во група создадовме групи. На пример, за поддршка на идни мајки. Да се биде мајка е т.н. стрес, ако се гледа психолошки, внесува развојна криза во семејството, а со тоа внесува и нови промени и нова организација во домот. Помагаме како да се справи жената со нејзината нова улога, која утре треба да има дете. Кандидатките бесплатно можат да научат како да се изборат со новата ситуација. Воспитувачка од градинка нé покани да одржиме работилница со децата и нивните родители. Од разговорот со психолог од медицинското училиште се отвори тема за почнување соработка со училиштата и компаниите – објаснува Алексоска.

Ќе организираат разни работилници што ќе се одржуваат еден или два дена од викендите со цел работа на себе. Таква е работилницата Спознај се себе си преку своето семејно стебло.

– Треба да научиме како да работиме на себе, како да прифатиме непријатна состојба, како да научиме нешто ново, да имаме увид и го надминеме проблемот – вели Алексоска.

Според неа, нема граница кога завршува растот и развојот на личноста.

– Секогаш човек може да расте, да научи нешто ново, повеќе да се познава себе си. Личниот раст и развој е кога не сме моќни во моментот нешто да промениме. Тогаш треба да научиме како да го промениме, а како ќе научиме – само ако работиме на себе си. Нема граници за возраст, степен на образование – објаснува таа.

Психолозите советуваат дека не постои нешто што не можеме да го промениме кон подобро, само треба да имаме цврста волја и да бидеме упорни во процесот за да направиме долготрајни промени што ќе ни обезбедат лагоден живот. Здружението просторно е сместено на ул. Борис Кидриќ бр. 16/2/22.     

Loading