Чудно е како се повторуваат некои работи. И оваа година, како и порано, ни се најде прирака програмче од познат битолски фестивал. Мислевме дека годинава ќе биде поправена грешката од претходните години. Напротив! Се повторува! Годинава е јубилејна, фестивалот се одржува по педесетти пат. На сите телевизии го слушаме и го читаме истото, истата грешка – “Републички фестивал на народни песни и ора”. Повторно ќе прокоментираме. Зошто уште не можеме да сфатиме?! Додека беше Југославија, она што се случуваше во шесте републики се викаше РЕПУБЛИЧКО. Сега ситуацијата е изменета. Нашава држава не е составен дел на некоја друга држава. Таа е суверена и самостојна. Нејзиното име е РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Всушност, тоа е МАКЕДОНИЈА а зборот (именка) РЕПУБЛИКА, го објаснува само општествено – политичкото уредување. Да претпоставиме дека Македонија може да биде и монархија. Дали тогаш фестивалот би се викал – “МОНАРХИСТИЧКИ фестивал на народни песни и ора”?! Може да биде и кралство. Дали фестивалот ќе биде КРАЛСКИ?! Се разбира дека не. Грешки се тоа. Големи. А колку е фестивалот позначаен, толку и грешката има поголема тежина. Едноставно тоа си е – “МАКЕДОНСКИ ФЕСТИВАЛ на народни песни и ора”. Во понекои случаи може да се употреби и придавката ДРЖАВЕН – ДРЖАВНО првенство во фудбал (не републичко).
Слушаме (на ТВ) градоначалникот на Скопје зборува за некои комунални проблеми во градот. Меѓу другото соопштува дека биле набавени и пумпи кои усисаваат фекалии. Не сакаме и избегнуваме да се повторуваме во регистрирањето на некои грешки, но ете, и овојпат сме принудени. Пумпи кои УСИСАВААТ. Сме пишувале и порано за ПРАВОШМУКАЛКАТА. Мнозина во Скопје, а не ретко и во другите места ја викаат УСИСИВАЧ! Правошмукалката ШМУКА, ајде да речеме СМУКА прашина, но нам поубаво ни звучи УСИСАВА. Еве сега и пумпите ќе УСИСАВАЛЕ фекалии. Ако зборот ВЦИЦУВААТ е малку запорничав (а таков е) зошто да не се рече дека пумпите ќе ШМУКААТ, ќе ги ИШМУКУВААТ фекалиите? Но, ете, пумпите во Скопје ќе УСИСАВАЛЕ! Да! Тие ќе чистат нешто, но која пумпа ќе ги очисти безбројните грешки кои го бербатат нашиов јазик?
Зачестија сообраќајни несреќи во нашава земја. Слушавме на телевизија излагање на извесен господин во врска со таа проблематика. Не ја следевме емисијата од почеток и затоа не знаеме во какво својство беше соодветниот господин. Зборуваше тој малку поопширно. Во еден момент им сугерираше на возачите дека треба да возат според одговарајуќи услови. Каде го измисли зборот ОДГОВАРАЈУЌИ?! Зар не му беше доволно нашето – СООДВЕТНИ услови? Или едноставно, според условите на патот.
Ќе се нервираме ние “провинцијалците” од внатрешноста, ќе го критикуваме скопскиот говор на нашите мали екрани, а тие, новинарите од ПРЕСТОЛНИНАТА ќе си тераат по свое. Слушаме новинарка која ни ја пренесува ситуацијата при уписот на студентите. Имало голема навалица (таа вели гужва). Ќе цитираме една нејзина реченица: “До три саат траеше пријавувањето”. Ајде, налет нека е тоа што не вели ЧАС, туку СААТ. Но, зошто не го членува зборот? Зошто не вели дека пријавувањето траело до три СААТОТ, туку вели до три СААТ? По скопски! Таа не завршува тука. Таа престојува подолго време по ходниците на факултетите. Не информира за се и за сешто. Ни кажа дека најголем интерес имало за техничките смерови. Ете, таа госпоѓа (или госпоѓица) новинар, уште не научила дека македонскиот збор е НАСОКА, а не СМЕР.
Вработувањето беше предмет на разговор. Новинарка зборува за некои поволности, за некои можности што ги презема Владата за намалување на невработеноста. Новинарката вели: “Тоа ќе може да им овозможи подобри можности”. Убава конструкција, зар не?
Слобода за медиумите. Да! Но дали постои сила што ќе не ослободи од новинарската агресија врз македонскиот јазик?!
Извинување до оние малку, кои не се такви.