СИТЕ СМЕ ЕДНО И ВО МКЦ

СОУ “Орде Чопела”
copelaСОУ “Орде Чопела” беше едно од четирите училишта од државава кое имаше привилегија под мотото “Биди креативен, интерактивен и интеретнички” да учествува на Фестивалот на изведувачки уметности и добри практики во Младинскиот културен центар. Со претставата “Сите сме едно”, триесетината ученици од мешани етнички групи пред нивните врсници од Скопје, Кавадарци и Охрид ја демонстрираа нужноста на соживотот и меѓуетничката толеранција.
Менторите Анита Бунеска и Игор Галоски се горди на учениците за несебичното вложување во активностите во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.
– Пораката е сите да ја осознаат тајната на зближувањето на младите од различни етнички заедници, духот на меѓусебното почитување, да умеат да ги препознаваат стереотипите, да го избегнат нивното користење, да го намалат и да го сведат на минимум нивниот негативен ефект во училиштата и јавната комуникација – вели Бунеска.
Учениците задоволни од новостекнатото искуство, додаваат дека претставата им го зацврстила другарувањето. Запознавајќи се меѓусебно, исчезнала поделбата на националности и сите станале едно.
На фестивалот, со свои креации, учестуваа 400 средношколци кои се дел од четиригодишниот проект на УСАИД за јакнење на граѓанските права и меѓуетничката толеранција во образовниот процес.

Loading