Челик со здрава храна

Биопарк

Semeen biznis za zdrava hranaГоран Николоски, откако на својата кожа ги осетил бенефитите од консумирањето на здрава органска храна и после многу кампањи, решил да тера бизнис во дуќанот Биопарк, и тоа со брендовите на фирмата Биокосмос. Идејата првенствено била на свеската Моника. Заедно со сопругата Анита, ги совладале сите непознати и стекнале знаења за ефектите по здравјето и заштитата од болестите со консумирање на здрава храна. Располагаат со богата понуда на сертифицирани органски производи, макробиотски и безглутенски. Од органската, нудат протеини од тиква, ориз, козја сурутка, чија семе, какао со додаток на ванила, цимет, да бидат повкусни.

– Се пронајдуваме, оти и ние ги користиме производите во исхраната. Откривме перспектива, и нудиме широк избор на супер храна, како чија семе, спирулина, пченична, јачменова трева, органска џерола, мексит, бао баб, виолетова пченка во прав, флорела, декларирани како супер храна. Се консумираат во мало количество за благодет за организмот. Содржат здрави хранливи состојки и толку се делотворни што предизвикуваат заситеност – објаснува Анита. 

Во палетата вклучиле и гравиола во прав, природно исцедени сокови од аронија, брусница, со чија семе, малтекс, маџун, без додатоци на бел шеќер, туку со природни засладувачи како кокосов, палмин шеќер и сл. Интегрални пасти и тестенини и сите видови брашна, трици, ладно исцедени масла од Италија, од Фила, од Биокосмос и Виталија. Кокосово масло, органско и рафинирано, масло од горка кајсија, од црно семе, шафран, како превентива од здравствени проблеми. Оние кои не одолеваат на благото и грицките, можат да се почестат со колачи со природни шеќери и вкусни интегрални грицки. Ги вклучиле сите сушени и зрнести овошја и апетисани. За квалитетот на производите гарантираат со сертификати добиени од ангенцијата Процерт.

– Муштериите треба да стекнат навика за здрава исхрана. Оваа храна не е третирана со пестициди и хемикалии, туку е биолошки чиста, одгледувана во здрава средина. Има конвенционална храна, произведена на класичен начин, која исто така е здрава, но и поевтина. Гледаме со цените да сме пристапни. Најмногу се бараат житарките и протеините, како и рефусната стока – вели сопственикот Горан.            

Полека се осознаваат предимствата на здравата храна. И локацијата е примамлива, в центар. Разгледуваат, се интересираат, а оние кои еднаш купуваат без ралика на возраста, стануваат редовни потрошувачи, оти понудата е идеална за превенција од болести, како канцер, холестерол, алергии на глутен или примаат хемотерапија. Препорачливи се и за деца после шест месеци, а најредовни се спортистите. Се добиваат и совети кога и како се употребува.

– Не сум нутриционист, но се интересирам и се информирам за органската храна. Консумирам, оти имам проверен ефект. Со интернетот, луѓето ги знаат придобивките од здравата храна. Вкусот е малку необичен, но се стекнува навика. Битно е децата да создадат навика. Овесни, р’жани снегулки, чија семе, природно исцедени сокови се идеални за детскиот организам. Добиваме позитивен фидбек и задоволни сме од одзивот. Првин, битно е да се запознаат, да имаат во предвид што нудиме – додава свеската Моника Ефтинџиоска. 

Се разликуваат, оти исклучиво нудат здрава храна. На полиците нема чоколада, бонбони, таблети. Сé што се нуди не е со бел шеќер, туку со природни засладувачи мед, маџун и сл. Во пријатната атмосфера располагаат со пресни производи. Неодамна тргнале во бизнисот, но планираат развој, проширување, да одат напред. 

Loading