СÉ Е ВО ДЕТАЛИТЕ

Урбан Акцесори

Jose JosifoskiДа се биде стилизиран, шик, тренди… Никогаш не си “целосно облечен” без акцесори – модни додатоци. Убавината се истакнува со уште по некој приврзок во облеката кои го издаваат вашиот стил. Ниту еден надворешен изглед не е комплетен без декоративен предмет. “Одвлечи” се низ Старата чаршија, побарај го Јосе Јосифоски од Урбан Акцесори да те “почести” со часовници, капи, паричници,… од сите ваши омилени брендови.

Додека работел во Грција прошетал низ трговските центри, при што најмногу уживал кога по дуќаните ќе видел интересни џиџи-миџи, тракатанци… Отсекогаш бил мераклија на часовници, на “ѕунѕурки”…, а потсвесно, во него тлеела идејата. Поттикнат од странство, кога се вратил во градов, се осмелил на сопствен бизнис со разновидните модни додатоци. Им понудил на сограѓаните нешто поинакво, урбано, екстравагантни детали за збогатување на нивниот стил и имиџ… За оние кои се во чекор со модата, кои не заостануваат и сакаат секогаш да се тренди, им ставил “на тацна” убавина во друга димензија, правејќи го стандардното и класичното посимпатично, попривлечно за очи и за свој ќеф.

– 7.7.2010 година. Секогаш ми е интересен датумот кога се враќам на почетоците. Немаше друг дуќан со сличен или ваков аротиман, што нуди исклучиво акцесори. На сите им беа дополнителна понуда, покрај главнината. Не беа специјализирани. Потребна беше храброст за впуштање во бизнис, во кој не не се знае како ќе биде прифатен. Од друга страна, ми беше ќеф на душата што можев да им овозможам она што го посакувале да им стане пристапно, на дофат, и тоа не обично, туку луксузно, шик – ново, па и по нешто ексцентрично. Амбиентот сега е сменет. Се следат светските трендови и полека, сé повеќе се создава навика за негување на убавото преку свој посебен стил на “носење”, па оттуку се неизбежни модните додатоци – вели Јосифоски.

 На палетата му се преку 300 најразлични машки и женски часовници, капи, колани, накит за урбани стајлинзи. Има многу муштерии кои внимаваат на ситните детали и сакаат да бидат комплетно “дотерани”. На оние на кои им претставува модата преокупација секогаш се во потрага по некој нов детал за да бидат тренди со додатоците на облеката, да го носат епитетот урбан, да добиваат комплименти, да им се завртуваат на улица и да бидат во центарот на вниманието. Не за “џабе”, дуќанот го носи името – Урбан Акцесори. Дури и трендот што го негува наликува на оној Милано стил.

Понудата никогаш не е иста. Нема два исти модели. И новите набавки се секогаш различни, иновативни, не се повторуваат. Се разбира исклучок се стандардните, како часовници, за мераклиите на проверени и непроменливи марки и модели. Водилка му се идеите за оригиналини и уникатни “парчиња”, помалку секојдневни, за да се прави дистинкција.

– При набавките, секогаш избирам по мерак, како за себе. Најубавото, највпечатливото, најатрактивното, најинтересното, што боди очи. Понудата треба да е секогаш разновидна и малкубројна во модели и количество, следејќи ги модните текови – додава Јосе.

Покрај модерниот дизајн, цените се изненадувачки прифатливи. А Јосе не застанува да ги “примами” со редовни попусти, изненадувања и уникатни аранжмани на подароци. Дури да тропнете со прстите, ќе се “скројат” подароците за изненадување на блиските, саканите и љубените. Редовно со насмевка на лице и пријателски пристап, ги  “плени” муштериите, нудејќи услуга на љубезно ниво. Доколку не сакате еднолична облека, класика, тогаш доверете го изборот на Урбан Акцесори.   

Loading