ФУЛ ОПРЕМА ЗА ТРЕНИНЗИ И НАТПРЕВАРИ

Стартува спортската академија за фудбал

So ful oprema ucenicite od Sportskata akademijaКомплетна спортска опрема и реквизити добија 27-те ученици од гимназиската Фудбалска академија која стартува од оваа учебна година во нашиов град. Градоначалникот Марјан Ристески со директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасевски на новиот изграден  фудбалски стадион со вештачка трева во Типската населба, им ја поделија спортската опрема која ја обезбеди Фудбалската Федерација на Македонија. Опремата која ја добија на користење ќе им овозможи на учениците професинален пристап за време на тренинзите, но и соодветен спортски изглед на официјалните натпревари.

Претходно, свечено во кабинетот на градоначалникот, беше потпишан договорот со тренерите на Фудбалската академија која е во рамките на Гимназијата “Мирче Ацев”. Тоа се Тони Наумоски, кој е познат фудбалски стручњак и поранешен фудбалер, и Дејан Кебакоски помошник тренер, односно тренер на голманите. Тие учествуваа на конкурсот и поседуваат потребни лиценци, односно ги исполнуваат стандардите на ФИФА, УЕФА и ФФМ.

Фудбалска академија од ваков тип првпат е дел од образовниот процес. Ќе продуцира млади таленти кои, освен стручното усовршување во фудбалот, ќе бидат вклучени и во гимназиската образовна програма. Годинава во Фудбалската академија се вклучени 27 ученици, кои ќе работат според програма од УЕФА, која подразбира многу попрофесионални тренинзи во сите денови од неделата. Се очекува, фудбалска академија во рекордно време да понуди нови фудбалски таленти кои освен боите на Победа ќе ги бранат и боите на нашата репрезентацијата.

Националната спортска академија од оваа учебна година, која се отвори во Гимназијата “Мирче Ацев” е во рамките на проектот на Агенцијата за спорт и млади за отворање на паралелки за фудбал, ракомет, кошарка и тенис во 7 градови во земјава меѓу кои е и Прилеп. Локалната Самоуправа ги презеде сите мерки да овозможи услови за реализација на наставата во спортската академија.

– Гимназијата има одлична реконструирана сала, неколку новоизградени терени на отворено, а годинава ќе бидат изградени терени за тенис и терени со вештачка трева за мал фудбал, што значи ќе ги има сите потребни услови како спортски комплекс – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Целта на академијата е учениците, кои се спортски таленти, да се оспособат за постигнување на врвни спортски резултати и од рана возраст да се подготвуваат да станат членови на националните репрезентации. Учениците ќе бидат подложени на специјално креирана програма за образование и тренинг. 

Loading