ИНОВАТИВЕН ЦЕНТАР ЗА 3 – Д АМБАЛАЖА

ПРОВИСТА

Иако сопственикот на печатницата “Провиста”, Зоран Дамчески, го купи последниот плац на електронската аукција за продажба на државно градежно земјиште, сепак тој прв ја почна градбата на објектот во индустриската зона Прилеп 1, во која има вкупно продадени 21 локација. Со шансата за сопствен производствен погон, Дамчески кој до најситни детали го има совладно печатарскиот занает, планира современ развој во духот на новите технологии.

– Во склопот на објектот сакам да направиме иновативен центар, во кој ќе се развиваат нови видови на амбалажа и пакување. Новото иновативно одделение, што го планираме, ќе биде опремено со 3 – Д печатач за гравирање на разни амбалажи. Изработуваме и веб страница, со која ќе ги информираме сите заинтересирани партнери, од овде и од странство. Идејата ќе биде привлечна за младите дизајнери, кои, доколку се покажат, ќе бидат наградувани. Ќе се отворат и нови работни места, неколкукратно повеќе во споредба со сегашните 20 – вели Дамчески.

Во печатарската дејност, Дамчески е од 1989-та година. Учествувал во изработката на првите македонски банкноти во печатницата 11-ти Октомври, потоа во Гинис, за сега да биде основачот и сопственикот на Провиста. Смета дека печатарската дејност има иднина.

– Не знам дека има печатница која не може да живее од својата работа. Убавината во нашата работа е што постојано купуваме нови машини и го следиме трендот на технологија и развојот – вели Дамчески.

Вкупната површина на плацот е 1800 м2., од кои 1200 м2 се основа на објектот плус 600 м2 на спратот. Смета дека градежните работи ќе го чинат околу 200 евра од м2. Со помош на финансиските поволности кои ги нудат банките, планира за брзо време, на есен да ја заврши инвестицијата. Дури на локацијата планира пополнувањето на земјените работи да го врши со градежните изведувачи од градов, кои пак ископите кои ќе ги вадат  од други објекти, ќе ги носат на плацот во Прилеп 1.

– Купувањето државно земјиште во индустриските зони е одлична можност за малите фирми.  Платените комуналии и ефтината цена за м2 ни даде еден поттик да продолжиме напред. Сметам дека можеме да си дозволиме една таква инвестиција. На наддавањето постигнав цена од 2 евра за м2, што е мошне поволно, бидејќи го испитував пазарот. Многу е поскапо да купиш дури и стар руиниран објект. На последниот саем за градежни материјали видов дека има доста нови, алтернативни материјали со кои се постигнува многу добра цена при изградбата, подобро отколку реновирање на стари објекти – вели Зоран Дамчески, сопственик на Провиста.

За потребите на печатницата би му биле доволни дури и 300 м2, додека за останатите има поинаков бизнис план.

Провиста е мала печатница со 20 вработени, но со тенденција за постојано проширување кое го наметнуваат трендовите во графичката дејност. Вршат услуги од областа на амбалажата и пакувањето, како и печатарски работи.

Го исполнува креативноста на професијата.

Loading