Река од “Еурека”

ОУ “Блаже Конески”

Експерти по роботика, автоматика, агротехника… се “калат” во техничкиот кабинет во ОУ “Блаже Конески”. На натпреварот на Народна техника четири први места отишле во рацете на техничарите од шесто, седмо и осмо одделение. Давид Лазароски во тандем со Марио Димоски, без конкуренција го воодушевиле жирито со троделниот проект за автоматика што ја зголемува безбедноста во сообраќајот. Првиот дел бил посветен за помош на слепите лица при преминувањето на улиците. Со сензори и синхронизација на раскрсниците на мини – карта од градов, објаснија како би се сигнализирало кога да се премине. Вториот дел бил за предност на возилата за итна помош, противпожарно и полициско возило со автоматизирани семафори и третиот бил автоматизирана катна гаража, каде со минимална “рака” би се складирале автомобилите во “рафтови” како од научно фантастичен филм. “Патот на дрвото” на седмоодделенката Јана Мицеска бил прв меѓу роботичарите. Прикажала како дрвото од шума би станало парче мебел со роботи – дигалки и секачи. Соученичката Христина Талеска, за одгледувањето на хризантеми во стаклена градина, освоила прво место по агротехника.

Осмоодделенецот Бојан Димески, наградуван за авио моделарство, конструирал нова едрилица за првото место. Помош за резултати им дава менторот Бранко Бабаноски. Тој ги научил децата како да работат со ЛЕГО роботите, донирани од УСАИД. Сите ќе учествуваат на државниот натпревар во Кавадарци.

Loading