Гимназијата Мирче Ацев- Бренд во образованието

Ладното време не ги поколеба вработените во гимназијата “Мирче Ацев”, на 4 јануари да му оддадат почит на патронот, носителот на одличјето “народен херој” и прекалениот борец против фашизмот на Могилата на непобедените. Годинава се полнат 69 години од маченичката смрт во бурната 1943 и 65 години од постоењето на гимназијата која ја има честа да го носи неговото име. Советот на наставниците се “измачил” да подготви петдневна програма со различни уметнички и спортски содржини, чиј врв достигна со положувањето свежо цвеќе на ацевите бисти на Могилата и во дворот на Гимназијата. Пред спомен костурницата се поклонија наставничкиот колегиум и членови на младинската организација. На свеченоста, директорот Кире Николоски го изложи сработеното, најаувајќи претензии, како што рече, “гимназијата да стане бренд на македонското образование и да се врати сјајот на една од најстарите гимназии низ чии клупи поминале голем број познати прилепчани”. За нови проекти ги најави двете игралишта, тениски терен, уредување на зелените површини и смена на дограмата. Локалната самоуправа и градоначалникот ветија средства за подобрување на образовниот процес, оти приоритет е создавањето здрава и учена младина која ќе го краси градот и гимназијата. Градоначалникот Марјан Ристески рече дека во Гимназијата е на “домашен терен”, оти и тој учел овде. Кажа дека ќе продолжи да се залага за донирање средства во образовните институции. Покажа подготвеност да се смени подот и фасадата. Тој ја пресече лентата за новата целосно опремена фитнес сала, следена со издвоени средства од учениците и советот на родители.

Loading