Имагинација + труд = “профит”

Не секој сака да вежба, ама ако ги види справите ќе помисли, “ајде да потрошам некоја калорија”. Гимназијата “Мирче Ацев” на големо се подновува, а имагинативните умови на средношколците, “поттурнати” од професорката по ликовно Марта Кузмановиќ, решиле на свој начин да помогнат во опремувањето на фитнес салата. Со изработка на честитки и нивна продажба на поставениот штанд, младите уметници планираат да соберат средства за пилатес топки и тегови. Сумата не е одредена точно, ама голем е бројот на купувачи па “не им бега вежбањето”. Дел од творците на проектот “Од нас – за нас”, откријаа дека покрај празничните теми, за изработката на честитките, како пример ги зеле делата на Ван Гог и Пикасо. Фелина Сапунџија и Марија Попоска ги делат истите интереси во уметноста, литературата и забавата. Уживаат да цртаат портрети и апстрактна уметност. Омилена книга им е Порака во шише, а ги пленат историските спектакли, преточени во седмата уметност – Braveheart, Гладијатор, 300 Спартанци и Казабланка, најверојатно заради надворешноста на Мел Гибсон, Расел Кроу и Џералд Батлер и “стариот волк” Хемфри Богарт. Спротивната, машката половина, составена од Игор Темелкоски и Бруно Силјаноски сакаат меланхолични драми со трагичен крај како Dear John i Notebook. Покрај уметноста ги интересира и фудбалот, или барем така рекоа, бидејќи сакаат да “бидат во кожата”на Дејвид Бекам. Дали заради парите или сопругата, не е јасно. Бруно е “заразен” од стриповите, оти го бидува за сликање. Создал стрип во кој комично ја претставил борбата на неговите наставници. Девојките слушаат рок од легендарните Гунс анд Россес и Њхите Снаке и инди бендовите, а машките се повеќе по поп – рокот и електро музиката. Обострана е љубовта кон песните на нашиот Тоше. Тешко е да се направи листа на сериите кои ги гледаат на Фокс, Доктор Хаус, Монк, Очајни домаќинки, Броеви, Декстер… Бидејќи се прва и втора година, рано им е да размислуваат за идната професија. Мислите им одат кон архитектурата, графиката и цртањето.

Loading