Бизнис танц на “Твист”

Надградбите на компјутерите не престануваат и носат позитивни ефекти

Петнаесетина години постои фирмата за трговија и сервис со компјутерска техника “Твист” на семејството Петкоски. Марјан и Ели се задоволни од досегашниот бизнис пат. Се сеќаваат на времињата кога тргнале со играчница на видео игри. Со експанзијата на компјутерите, се ориентирале на трговијата со информатичката опрема, вклучувајќи и хардвер и софтвер и сервисирање на компјутерите, бидејќи посилниот пол на Петкоски бил упатен во информатичката технологија блиска на играчницата. Последниве години понудата ја прошириле и со ТВ приемници, оти, фирмата со која соработуваат им понудила шанса. А двајцата сопружници не ја пропуштиле можноста за проширување на палетата за поширок избор на муштериите со ЛЕД, ХД и други модерни варијанти на неколку марки телевизори. Во постојан подем е информатичката техника. Напредува со астрономска брзина. Последна конфигурација на компјутери може да го реши домашниот проблем најмногу две години. После е нужно најмалку освежување или нова силна и помоќна машина. Постојано излегуваат некои нови елементи. Дел од граѓаните можат да се носат со времето, а дел бараат надградби на старите компјутери. И тука има постојано работа. Бизнисот оди успешно. Имаме повеќе работа – вели Марјан. Петкоски не размислуваат да се селат во некоја непозната бизнис сфера. Сметаат дека има простор за развој во информатката, каде ги “носат работите во малиот прст”. Со знаењето пред себе и искуството зад себе, преокупација им е информатичката техника. Сервисот работи постојано со инсталции и чистења од вируси. Има и надградби на новитети, како што се посилни процесори, поголеми дискови, поквалитетна графичка картичка… – објаснува Марјан. Сопругата Ели, која е ориентирана на продажбата, вели дека нема “зима” во бизнисот. Последниве неколку години расте побарувачката на лап-топи, но не за сметка на стандардните десктоп компјутери. Засега сме на ниво на половина – половина. Располагаме и со различни модели модерни ТВ приемници. Оние кои купуваат компјутери од кај нас, доаѓаат и за телевизори – вели Ели. Добредојдена им е конкуренцијата да ги засучат уште повеќе ракавите и да се борат со моќните фирми. Не се плашат од повеќето ривали, туку со напорна работа успеваат да се одржат и да ги надминат ланските позитивни резултати. Ефектите им се видливи во сметките, кои покажуваат дека годинава е побериќетна од претходната.

Loading