ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА СВЕТИ НИКОЛА НА ПЛОШТАД

Стопанска банка ја продолжува традицијата

Ќе се пресече славскиот колач, ќе се кренат чашите за здравица, за среќа, бериќет, љубов, слога и напредок за сите, в понеделник на заедничката трпеза на плоштадот. Со посебна чест и почест, од мало до старо, од срце и душа ќе го одбележат Свети Никола, патрониот празник на градот, на општината, на сите прилепчани. Нема друг празник кој толку блиску, чисто и со огромна духовна сила, која небаре доаѓа од небесните височини, ги обединува и сплотува прилепчани како што е славата Свети Никола. Уште повеќе можеби заради тоа што од дедо прадедо, од колено на колено, живееле и го чекале денот кога во секој втор дом, ќе се ставела посна вечера, ќе се направела чест на светецот. А оние пак кои не го празнуваат, ќе отиделе на гости кај своите роднини и пријатели. Годинава домаќин на светиниколскиот ручек е Стопанската банка од Скопје. Регионалниот директор Стевче Димески не штеди ангажман сé да биде под конец. Ќе се служат 65 илјади посни светиниколски сармички кои трудољубивите членки на невладините женски организации ги приготвуваат со многу љубов и дикат. Веќе токмат сечат и туткаат низ нивните раце над еден тон расол, кроејќи ги, тантелејќи ги, со по три зрна ориз за да ги “стуткаат” од лешник помали, да се голтнат на еден залак. Ќе се служат и над 250 килограми риби, ќе се полнат чашите со вино и ракија, со пиво. За доброто расположение ќе екнат песните на Миле Кузманоски и Елена Петреска. В понеделник ќе се празнуваат Свети Никола Чудотворец, светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците… Свети Никола е еден од најпочитуваните светци. Одбележувањето ќе започне во 8 часот со литургија во црквата “Св. Благовештение”. Потоа крај Параклисот на “Св.Никола”, во 10 часот ќе се изврши водоосветувањето и ќе се пререже празничниот колач, по што ќе следува народната гозба. Ќе се предаде и кумството, а идната домаќинка, сопственичката на конфекцијата Комфи Ангел, Ирена Јакимоска, уште од сега да мисли како ќе се покаже поарна домаќинка, поиздавлива и покреативна. Прилепчани знаат да се единствени. Го сакаат својот град, чиј патрон е овој светец. Со богата посна трпеза, ќе покажеме дека сме оригинални, препознатливи по традицијата и негувањето на корените. Веќе шест години, градоначалникот Марјан Ристески успева да ги збере, како едно, прилепчани на заедничка трпеза под отворено небо, среде град, на која сите се исто, сите со иста мисла и молитва за подобар и попросперитетен град. Ќе се слави Свети Никола кој се поистоветува и со популарниот Дедо Мраз, кој го навестува доаѓањето на Новата година. А во Свети Никола веруваат и гладните и босите, и богатите и сиромашните, и несреќните и бедните на кого и Светото предание му припишува чуда.

Loading