Чиста река со 20 милиони евра

В година Европа и Владата ќе ја градат пречистителната станица

Македонија доби донација од Европската комисија од 59,5 милиони евра, од кои 45 милиони евра за заокружување за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица и 14,5 милиони евра за пречистителна станица во Прилеп. Договорите ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за транспорт и врски и за животна средина Миле Јанакиески и Абдилаќим Адеми и директорот за регионална политика на ЕУ Жан-Мари Сејлер. Пречистителната станица е прва од областа на прочистување на отпадните води, што ќе се реализира со пари од ЕУ. Обезбедени се и шест милиони евра од државниот буџет. За директорот за регионален развој при Директоратот во ЕУ Сејлер, реализацијата е имплементација на европски вредности, односно зачувување на животната средина. Важна е реализацијата во одредениот рок, зашто дел од средствата може да бидат загубени. Се надеваме дека во иднина ќе продолжиме со уште повеќе проекти – посочи Сејлер. Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека Прилеп е првата општина која користи поголем грант од ЕУ за изградба на пречистителна станица за третман на отпадните води. Проектот е значаен за заштита на животната средина, за пречистување на градската река која минува низ центарот, а главен рецепиент е реката Црна. Бидејќи Прилеп почива на најплодната рамница, проектот е многу битен за наводнување на земјоделските култури, односно, сите производи во иднина ќе бидат по највисоки еколошки стандарди. Пречистената вода преку реката Црна, ќе се движи и низ еколошки најчистиот регион – Мариово – рече Ристески. Министерот Адеми е убеден дека во средината на следната година ќе почне градбата на пречистителната станица. Комплексниот проект ќе се спроведува преку три договори, за изградба на пречистителна станица на отпадните води, доградба на канализациската мрежа и надзор на градежните работи. Со реализацијата ќе се заштитат површинските и подземните води во прилепско, ќе се подобри квалитетот на земјоделските култури, а граѓаните ќе имаат поквалитетна животна средина. Тој се надева дека проектот ќе биде позитивно искуство кое ќе помогне Македонија да добие позитивен одговор од ЕК и за други големи проекти од областа на животната средина. Според Ставревски, преку крупните инфраструктурни проекти може да се подобри конкурентноста на економијата и да се обезбеди повисок економски раст и развој. Тоа ќе придонеси за интеграцијата кон ЕУ.

Loading