“Рума Ком” познат по замрзнато месо

Вештото менаџирање е рецепт

Со “амбулантната” продажба за малите дуќани со прехрана и со атакот на големите супермаркети, големопродажните фирми на прехранбени стоки, тешко одолеваат на економските ветришта. Една од фирмите кои успева да го задржи трендот на подем е Рума ком на Рубин Илиоски. Иако постои само две години, макар што зад сопственикот стои и 18 годишна пракса во трговијата на големо со храна и кондиторија во друга компанија од ваков тип, неуморно се задржува на немирните пазарни бранови и останува да биде стабилен стопански субјект. Причината за тоа е спефичната понуда не само на традиционалната прехрана за малите дуќани, туку и со понудата на замрзната храна и сувомеснати производи од различни претпријатија. “Десната рака” на Илиоски, Ѕвонко Анастасоски, вели дека уште одамна го познаваат “занаетот” на замрзнатите производи. Затоа останале на пазарот и уште се барани.Предимство им е организираниот магазин со комори за чување замрзнато пилешко, свинско и говедско месо, но и сите видови морски и слатководни риби, како и со ладилниците за одржување на сувомесните стоки од различни производители. Додуша и конкурентите не седат со скрстени раце и не чекаат “од Бога росичка”. Искуствата и вештините за менаџирањето се предиспозиција, која ја прави фирмата отпорна и препознатлива, за разлика од “класиката” во големопродажбата. Затоа Илиоски е веќе е сопственик и на објектот на Современ дом, чиј подрум, спроти железничката станица, е уреден во магацин за големопродажба, според европски норми, небаре аптека. Замрзнатата палета на прехрана се чува на минус 18 степени. Полни се фрижидерите со сите видови пилешко месо, од конфекционирани до цели пилиња, од Србија, Хрватска, Бразил, Холандија, Америка, Бугарија, Турција и Грција. Во фрижидерите располагаме и со замрзнато свинско месо – кременадли, каре… Но, има јунешки мускул. Во обичните ладилници складираме млечни преработки и сувомесни стоки од повеќе не само македонски фирми – вели “директорот во сенка”, Анастасоски. Сопственикот не се жали на бизнис атмосферата, иако околностите се посложени, поради општите текови на пад на стандардот на населението. Неговиот рецепт е напорна работа и целодневен ангажман. Умешноста за управување е уште “една мирудија” за составување крај со крај. Илиоски не е многу говорлив за иднината. Не открива некоја бизнис тајна. Но, ниту на крајот на умот не му доаѓа да раскрсти со “струката”, носена во “малиот прст”. Како и да е, “Рума ком” опстојува на прилепскиот пазар. Во овие времиња, тоа е најбитно и е рамно на подвиг.

Loading