МАНДАЛОТО ЌЕ ЧУКА ПАК

Со владини пари – прилепски гордости и нишани на ачик

Камбаната ќе удира еднаш во “беспет” и еднаш “на токму”.

Ќе се чуе камбаната на градскиот саат в година. Дознаваме дека во буџетот за 2012 година се предвидени средства за комплетно менување на виенскиот механизам на саатот, носена по Дунав до Смедерово, а оттаму со коли арабаџиски до Прилеп пред повеќе од еден ипол век. Градскиот саат конечно ќе се курдиса. Мандалото ќе ја удри камбаната да се врати традицијата и споменикот на културата да го означува времето. Последниве години саат кулата се навали за 114 сантиметри од вертикалата. Оддалеку наликува на накривената кула во Пиза. Локалната самоуправа пред десетина години побара од експертите од Институтот за земјотресно инженерство од Скопје да се измери наваленоста на кулата кон југоисток и да се процени ризикот од уривање. Зашто, според некои инженери, тој се наоѓа на крајната точка на балансот и секој помал потрес може да ја струполи историјата и да појде во неврат наследството, кое не е само прилепско. Се правеа обид камбаната да го означува времето двапати на секој час, еднаш во “беспет” и еднаш “на токму”. Но, не успеаја да и го отстранат дефектот ниту старите саатчии, ниту мајсторите од машинската работилница на Тутунскиот комбинат. За среќа, конечно Саатот ќе пушти “глас”. Ќе се огласи симболот на Прилеп што претставува традиција и богато духовно наследство. Ќе “оживее натопорениот висок 38 метри”, како што го нарекува хроничарот Благоја Алексоски. Со тоа ќе се рехабилитира пораката од плочата над влезната врата, каде, парафразирано, пишува на арапски да не се радуваме на удирањето на саатот, оти со тоа минува еден дел од животот. Прилепчани се горди на саатот. Тој им е идентификација, амблем. Со Марковите кули и тутунот, тој им е трет нишан. Го доживуваат за традиција, адет, небаре чаршиска црква и икона. Им претставува завет од претците. Го рамнат со култ и вечност. Го поврзуваат со табиетот за курназлак, факманлак, кападаилак и мајтапчилак, зашто е сведоштво за богата духовна средина. Саат кулата побудува храброст, мудрост и лукавост. Таа е симбол на непокор и простум, исправеност и инает. Дури и поговорката се приспособила, “Кај да си, за Божик, дома да си”, со ново издание, “Кај да си, од саатот подалеку да не си”.

Преданија за саатот

Според легендата, занаетчискиот еснаф и градителските тајфи на мајсторите на Лауцовци и на Тасламичевци го измамиле битолскиот валија да даде изим за градба на саатот само да биде понизок од џамијата. Со мудро постепено градење, тие го кренале повисоко. Граѓаните сметале дека е извојувана победа над поробувачите и најава за слобода во 1858 година. Има предание дека сатот е граден со кукулски гранит, врзуван со вар и илјадници јајца. Една приказна вели дека Саатот отчукува “ах”, оти една прилепчанка на мандалото ги ставила писмата од својот сопруг, кој не се вратил од печалбата во Влашко. Во друго предание се раскажува дека во стрелките на саатот живеат духовите на Глигур Поснасарма и Суле Дервишот, кои биле прилепски хроничари и го бележеле времето. Стари раскажуваат дека саатот бил место на спокојство. Возрасните ги терале намуртените да завртат три круга околу саатот за да им помини уѕурот.

Асфалт за Богоројца

Двајцата пратеници од ВМРО – ДПМНЕ Димитар Стевананџија и Ане Лашкоска лобирале во Владата, во кројката на новиот државен буџет в година, да влезат повеќе проекти за Прилеп. Успеале да “истуркаат” доста зафати. Меѓу нив е градбата на патот за манастирот Трескавец во должината од 7,5 километри. Асфалтот и комплетната градба ќе вредат 1,5 милиони евра. Во државната каса се предвидени пари за проектот за автопатот Прилеп – Велес преку Богомила. Тоа е знак дека државата го става во приоритетите за конструкција за финансирање на значајната релација за идното среднорочие. Од поголемите зафати, се парите за инфраструктурата на индустриската зона кај Алинци. В година ќе се направи и парното греење во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, ќе се смени внатрешната дограма во Гимназијата, ќе се реновираат санитарните јазли во ОУ “Гоце Делчев”, ќе завршат со градба спортските сали во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу” и “Ристе Ристески – Ричко”, а ќе се гради и во ОУ “Добре Јованоски”. Пари ќе има за нова градинка, за старт на градбата на пречистителната станица, дури и за по едно ново амбулантно возило за Болницата и за Здравствениот дом.

Loading