Министерот на кантар

Отворена откупната кампања на тутунот

Тутунарите задоволни од проценката

Десетина тутунари задоволни излегоа од откупниот пункт на Тутунскиот комбинат (ТК) по предавањето на 20 тони тутун од годинешниот род на првиот ден од откупната сезона, на која присуствуваше и министерот за земјоделство Љупчо Димовски. ТК ќе откупи околу три илјади тони од околу 2500 кооперанти. Динамиката ќе се зголемува постепено и со отворање на пунктови во населените места. Плаќањето се врши за седум дена. Во прилепско годинава се намалени површините под тутун за околу 30 отсто, поради ланските ниски откупни цени. Првиот човек на тутунарите Данчо Милески изјави дека проценката е коректна. Добра е проценката, но цените се ниски. Ако продолжи овој фер тренд на одредување на квалитетот, и тутунарите ќе бидат задоволни. Впрочем, и годинешната берба има повисок квалитет и би требало цените да бидат повисоки од лани – вели Милески. Тутунскиот комбинат е првата компанија која ги отвори вратите за тутунарите. Се надевам дека во релаксирана атмосфера, тутунарите ќе го предадат родот, без да се повторат ланските проблеми при откупот. Се очекува сезоната да ја отворат и откупувачите, Сокотаб од Битола и Алијанса од Кавадарци. Законските измени беа во интересите на тутунарите. Сменет е правилникот за класификација со намалување само на три класи. Инспекциите се на терен, заради контрола на процесот на откуп – рече Димовски. Министерот изјави дека остануваат субвенциите за тутун од 60 денари од килограм. Би било добро субвенциите да се на класи. Но, нема согласност од тутунарите, макар што тоа е подигање на квалитетот. Размислуваме за дополнително субвенции за замена на културата – рече Димовски. Според него, либерализацијата меѓу откупувачите е добредојдена. Зошто да имаме седум откупувачи, кога е добро да има 15 откупни фирми, ако ги исполнуваат законските одредби. Сите домашни и странски заинтересирани компании можат да побараат лиценца за откуп на тутун – рече Димовски. Во прилепско годинава се очекува родот на тутунот да тежи околу 13 илјади тони.

Потпишан протокол за тутун со Кинезите

Директорот на Тутунскиот Комбинат, Александар Дерменџиев, најави дека за две недели ќе почне лиценцно производство на две марки цигари за кинескиот пазар. Договорот со кинеската компанија Конге – Конге, Комбинатот го потпиша во јули. Очекуваме за кусо време да го триплираме производството. Веќе имаме добиено нарачки од 20 илјади мастер кеси. Тоа е околу 200 тони, кои ќе започнеме да ги работиме за околу две недели. Со тоа ќе се зголеми искористеноста на капацитетите – рече Дерменџиев. Тој откри дека е испратен еден контејнер цигари за Обединетите Арапски Емирати, од каде се очекува одговор за зголемен извоз на прилепски цигари. Министерот Димовски разговарал со заменик – министерот за земјоделство на Кина за формализирање на протокол за пласман на ориентален тутун за Кина. Лани беа експерти од Шангај, кои дадоа позитивен извештај дека без особени проблеми ќе може за скоро време да се продава тутунот. ТК е чекор понапред. Веќе склучи договори за пласман на лиценцни цигари во Кина – рече Димовски.

Loading