Знаци… за проширување на фронтот на дупките…

Интервенции за кревање на хаварисани возила, сменување на оштетени сообраќајни знаци…

Голем одзив предизвика кампањата “Пријави дупка, пријави шахта, пријави…”, што ја изведуваат градските власти и јавните претпријатија. Целта е низ непосредни јавувања, граѓаните да го олеснат животот со пријави за отстранување на помали комунални проблеми на телефонски број или со пораки на веб страницата на локалната самоуправа. Координаторот Александар Најдоски вели дека примиле јавувања за 422 проблеми на дупки по улиците, за улично осветлување или пак за недостиг на капак или сливник на градската канализација. Непрекинато ѕвони телефонот. Граѓаните се јавуваат за сé, не само за обични маки. Бараат чаре. И им најдовме на над 350. Лесноотстранливите проблеми се санираат за 24 часа, а посериозните за неколку дена. Ги систематизираме, уличните дупки, да не се “шетаат” од едниот на другиот крај на градот машините и работниците на фирмата, која ги изведува асфалтните работи. Се уредува маало по маало, улица по улица, постепено и се подобрува животот на граѓаните. Зимава ќе ослаби интензитетот на интервенции на улиците, поради повременото активирање на асфалтната база на фирмата која ги дотерува сообраќајниците. Ефикасни се интервенциите и на претпријатијата за промена на прегорените светилки на уличното осветлување, а ЈП “Водовод и канализација”, такаречи, веднаш интервенира на забелешките за поставување на сливници – вели Најдоски. Големиот интерес ги поттикна локалните власти да го прошират списокот на проблеми кои ќе може да се пријавуваат за отстранување. Ќе се пријавуваат и хаварисани возила, оставени по тротоарите и парковите, кои ќе ги креваме за два-три дена. Ќе се евиднетираат и санираат забелешките за скршен или оштетен сообраќаен знак. Незабележани мали градски депонии ќе бидат “мета за отстрел”. Ќе се реагира на старт на нови дивоградби, за кои граѓаните веќе имаат забелешки – вели градоначалникот Марјан Ристески. Локалните власти сметаат дека забелешките на граѓанте се вистински аларм за реакција, а не само програмите за комунално уредување.

Loading