Со свирка се претвора пустелијата во шума

Со свирачи на зурли и тапани, развиорено знаме, завиено оро и песна се насадуваа садници на традиционалниот “Ден на дрвото” кај месноста Песјобрдце. Околу 20 хектари голини се претворија во шума од багрем и јасен. Над 3500 граѓани, ученици и работници во јавната администрација насадија околу 80 илјади садници. Градоначалникот Марјан Ристески, со заменик – министерот за надворешни работи Зоран Петров, рекоа дека зема сé посилен замав акцијата за запирање на ерозијата и за подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Акцијата прима и регионален карактер. Соседните држави покажуваат интерес за соработка. Во иднина, не е исклучено да се отвори заедничка битка против голините и ерозијата со озеленување на поголеми површини – изјави Петров. Од подружница “Црн Бор” во Прилеп на ЈП” Македонски шуми” порачуваат дека дрвјата го апсорбираат јаглеродниот двеоксид, покрај емисијата на кислород. Секој возач, кој вози пет километри дневно, треба да засади 40 квадрати шума. Затоа да ја чуваме шумата, оти тоа се нашите бели дробови – порача Никола Чкрипески од “Црн Бор”. Плод на акциите се успешното виреење над еден милион садници во прилепско. Годинашната акција е во духот на светскиот настан, наречен “Година на дрвото”, прогласена од ООН.

Loading