Литературна локомотива

ОУ “Кире Гавриилоски – Јане”

Во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, меѓу многуте, најактивна е литературната секција, со триесетината членови. Речиси сите се качиле на пиедесталот. Нема ненаградени. “Забрефтани”, под менторство на наставничката Снежана Тодеска, жнеат успеси со учество на секакви манифестации. Иако во литературата најмалку се важни наградите, ним им “гори” желбата за пишување. За месецот на книгата, ги збогатија витрините на училиштетосо неколку трофеи во повеќе категории. Осмоодделенецот Илчо Лешникоски освоил трето место за песната “Кирил и Методиј”. Соученичката Михаела Кочоска од шесто одделение се закитила со трета награда за текстот “Книгата те советува”. Ја мотивирала сагата “Господарот на прстените”. Вели дека колку и да има зло околу, секогаш добрината преовладува. Малечката Александра Трајческа од второ одделение ја добила првата награда за најдобра лична творба со песната “Божилак”, бидејќи емоциите од виножитото ги претворила во стихови. Четвртоодделенецот Леонид Ристески освоил “бронза” за расказот “Изгубената топка”, во кој пишува, како од кавга се создава другарство. Членовите на секцијата се активни и во списанијата. Марија Момироска од “Наш свет” добила прва награда, ранец, за најдобро напишана кратка биографија. Мераклииите за пишаниот збор од мали нозе го поттикнуваат духот и на манифестациите за патроните празници не само “дома”, туку и на други училишни манифестации. Наталија Димоска, Бисера Мицеска и Марија Недеска ги воодушевувале на празникот на ОУ “Рампо Левката”. И Ева Димеска се истакнува со текстовите за Татковината. На малите книжевници потребно им е само мало насочување за да го напишат тоа што го сакаат. Покрај темите избрани со наставничката, сами наоѓаат инспирација за пишување. Темите обично се за екологијата, љубовта кон Татковината, другарството и почитта кон постарите. Секцијата е организатор на Собирот на основците со дарба за пишаниот збор, што се одржува традиционално на 14 февруари. Датумот е симболично избран, бидејќи е Свети Валентин, заштитник на љубовта. И темите се поврзани со љубовта, како универзална порака. Манифестацијата годинава ќе има петто издание.

Loading