Од кифли вади “леб”

Полана

Печивата мирисаат мискојна, се “смеат” кифлите, гевреците и го тераат човек да касне и да порасне со секој залак

Ја знае душата на тестото, колку и како треба да се меси, кисне и пече за да се создаде вкусна пица, кроасана или бурек кој се топи во устата. Сета своја стручност, љубов кон пекарската професија и 16 годишното искуство кое го стекнал во гигантот на мелничко преработувачката индустрија “Жито Прилеп”, Пеце Ѓорѓиоски сега го применува во сопствениот бизнис на фирмата “Дар – жар – бурекџилница Полана”. Мискојна мириса, се “смеат” кифлите, гевреците, го тераат човек да касне и да порасне со секој залак од печивото, создадено, пред сé, со избрани репроматеријали, почнувајќи од квалитетно брашно за месење, според намената, квасецот, маргаринот, а со помош на специјализираните машини во производствениот погон, изграден по ХАСАП стандардот. Фирмата е регистрирана пред 9 години. Сопругата Сузана Ѓорѓиоска е директор. Таа се грижи за финансиите и ја контролира продажбата во бурекџилницата на влезот на пазарот. Кога тргнаа работите надолу во Жито Прилеп, наученото решив да го преточам во сопствен бизнис. Задоволен сум, иако тешко оди. Се вади “лепче”, една плата, да се турка животот – вели Ѓорѓиоски. Прават лиснато тесто, полнето лиснато, кроасани, рози, кифли, мали пицулиња за свечености, погачи за родендени, веридби. Бурек, гевреци, пици се произведуваат во погонот. Најнови производи се корите за мазник и баклава. На машината, корите рачно ги тегнеме, не на валјак, кои подобро го примаат шербетот. За бело печиво, треба да се запази целиот процес, од месење, од погодување на температурата на водата, до количината на квасецот, времето и начинот на месење на тестото, па колку треба да одмори тестото, колку да кисни, да се обликува, па да се пече. Ако на едно место се затаи или се скуси, производот нема да излезе како што треба – објаснува Ѓорѓиоски. Амбиентот за работа е во нелојална конкуренција. На пазарот излегуваат многу пекарски производи од изработувачи во домашни услови без плаќање на давачки, кои ја туркаат цената, додека во Полана инвестирале значителни средства за производство по сите прописи. За проширување планираат набавка на линија за замрзнување на лиснато тесто. Располагаат со машина за тегнење, за производство на лиснато тесто, миксери, печки. Пекарскиот занает е тежок, оти производството е ноќе, кога сите спијат. Вредните раце на пекарите го скротуваат тестото и му даваат душа да се залепи за срце. Само во сабота здивнуваат за повторно во недела, кога сите одмораат, да ги засучат ракавите, да обелат низ брашното и да создаваат нови и нови печива.

Loading