Ѓорче Петров дар од вештите прсти

Академик Боро Митриќески сака да остави уметнички белег во родниот Варош

Додека негови дела декорираат многу светски метрополи и приватни колекции, тој жали што нема негова ниту една креација во градот, покрај многуте скулптури

Биста на Ѓорче Петров која ќе се постави во родниот Варош сака да му подари на Прилеп скулпторот, академик Боро Митриќески, кој живее во Скопје, а е родум од Варош. Митрикески на возраст од 87 години жали што толку години не оставил творечка трага во Прилеп. Тој е авторот на скулптурата извајана во дрво, наречена “Коњаник – воин”, во галеријата Даутпашин амам во Скопје. На неа фрли око да ја купи емирот од Катар. При неодамнешниот престој во Скопје, тој се одушевил, бидејќи сметал дека скулптурата има душа. Понудил 500 илјади евра, ако е на продажба, да ја изложи во галеријата на светската современа уметност во престолнината на Катар, Доха. Митриќески е специфичен вајар. Препознатлив е по скулптурите во дрво, и тоа работени со секира во посебна технологија. Не го дели материјалот во вајарството во дрвото и каменот. Вели дека е роб на уметноста, оти друго не знае. Интимно е поврзан со Варош, со тутунот со прилепското поднебје, оти таму се родил. Уште му живеат голем дел од роднините од семејството Митриќески, опеано во народната песна “Сум месила девет зелници…”. Додека е во творечка кондиција, додека е окупиран со интимни скулптури, кои ги доживува како сопствена поезија, во која ги внесува чувствата и откако го завршил подготвувањето на фигурата за лиење во бронза на Стале Попов, по нарачка на градските власти на Скопје, се носи со идеја да му подари дело на Прилеп. Жали што нема негова ниту една креација, покрај многуте скулптури во градот. Чувствувам творечка енергија. Не престанувам. Ако Прилеп сака, и јас сакам да го овековечам Ѓорче Петров во Варош без надомест. Без пари ќе го направам проектот, освен за трошоците на техничарот и материјалот, само градот да не биде посиромашен и да не губи. Може да се направи во камен, дрво или да се излие во бронза. Доволно сум афирмиран, само ме боли што мои скулптури има во Москва и низ сите меридијани, а нема во родниот Варош, во Прилеп – вели Митриќески. Обелоденува дека емирот од Катар веќе стапил во преговори со семејството преку амбасадата во Белград за отворање на процедура за купување на “Коњаникот – воин” да ја нареди меѓу врвот на светската уметност, покрај сликите на Пикасо… Катарскиот суверен размислувал и за организирање на изложба на творештвото на Митриќески во Катар. Тоа е верификација на високите вредности и на македонската уметност – вели тој. Делото на Митриќески, Марко Цепенков во бронза, стои во библиотеката во Москва меѓу Гете, Шилер… Негови креации го красат светот, од Австралија, Јапонија, низ цела Европа, неколку низ Америка, во Кувајт, Израел, дури и во Јужна Америка. Негово дело во дрво е украдено од галерија во Париз. Бистата на Блаже Конески во Музејот – родната куќа во селото Небрегово е негов подарок. Скулптура има и на гробото на Конески во Скопје. Министерството за култура вчера ја промовира монографијата за Митриќески, за 60 годишнината од неговото творештво. Од многуте признанија, најдрага му е од првите струшки вечери, под водство на Ацо Шопов, и двете награди од македонското друштво на уметниците.

Петлески во Рим и Загреб

Прилепскиот починат сликар Ордан Петлески, кој творечкиот век го мина во Загреб, оставјќи раскошен сликарски опус, а на кого градот неодамна му постави плоча на патеката на славните, оставил седум графики да ја красат македонската амбасада во Рим. Музејот на современа уметност во Загреб е збогатен со повеќе дела на Петлески.

Loading