ПИСНА КЛАРИНЕТОТ ПО МИТРОВДЕН

Марулчанецот Томе Велјаноски од Шведска ги разбуди спомените во Подмол

Имало и слава Подмолски гроздобер – една недела по Крстовден кога се собирале девојки поседалки кои оставале по еден ред грозје за да се зберат гости

Ден по Митровден или летен ден во Подмол, село познато по каменот белутрак. Некогаш сред селото не можело да ги збере сите момци и девојки од околните села, кои виеле оро, пееле песни и си давале ишарет, под око се погледнувале, меркале додека срцето забрзано им биело во знак на љубов и симпатија. Токму со цел да ги оживее спомените како некогаш и да го разбуди празничното чувство кај подмолчани, марулецот Томе Велјаноски, кој веќе неколку децении живее во Гетеборг, во Шведска, музика р’сна сред село. Екна тапанот, се разстегна хармониката, а тој онака како видра, го грабнал кларинетот, па ѓаволесто разлева, ли разлева… Во секоја пригода изненадува ова мудро човече, на кого фах му е историјата, преданијата, записите. И ете ја легендата за Подмол, во кое како невеста дошла сестра му Петра, а пак и тој својата животна сопатаничка ја избрал токму од ова село. Велат од каде ти е жената, таму ти е и родата. Но овој пат спомените и радостите за празнувањето на славата на селото ги сподели со внуците Гоце и ….. од сестра му Петра. Некогаш се славел Тодоровден, кај Петровден среде лето. Народот бил сиромашен, немал доволно храна, и го свртел денот да биде Митровден кога е богато со храна, жито, овошје, грозје. Имало и слава Подмолски гроздобер, една недела по Крстовден. Се собирале девојки, поседалки кои го береле грозјето една недела. После ќе остават по еден ред и ќе се зберат гости, поседалки да ручаат и да направат богати гости сред село. Освен лозје имало и бостан. Пред римско било градче раскажуваа стари. Над училиштето има остатоци од ќумкови за водовод од пред илјадници години. Подмол го паметам по шлаканиците што ги добив од свеската за адетот кога се женев. Се сеќавам на тој ќотек, а Митровден беше пазар. Вриеше народ од сите села, од Мојно, Добрушово, Марул, Бонче и други. Подмол беше централно село со општина, матично, училиште. Врвулица луѓе. Времињата се сменија, со нови навики и славата се чека претежно дома. На ваков начин сакав да се вратат спомените – вели Томе. Сега во Подмол има околу 25 домаќинства. Името Подмол го добило по некои тројца браќа, од кои едниот се населил во Подмол. Го прашале какво е местото, а тој одговарал дека е подмолито, реката поткопувала. Другиот брат живеел во Српци, а пак третиот во Добрушово, каде земјата била мека како душа. Така сме слушале од стари – вели Гоце Мирчески, внук на Томе. Според старите адети имаше и по некоја тезга со дребулии сред село, за да се лажат децата. Половината подмолци го имаат Митровден зимен и за да можат да си одат на гости, се согласиле да го слават по ден. Овој се смета за летен Митровден, оти е селска слава. Кога бев ерген овде се виеја по 10 ора, десет рала свирачи беа тука – вели Раде Петрески од Марул. Во селото има црква Свети Димитрија градена 1936 година, а старата била одамна урната од Турците. На Митровден редовно има служба. Подмолчани денот по Митровден го викаат и последен летен ден, бидејќи го славело целото село. Навистина, небаре летен ден, преубавото време го галеше селото ,познато по каменот белутрак.

Loading