Туристички атак на Трескавец

,,Манастирот Трескавец плени со својата природа, архитектура, фрескоживопис. Феноменално е чувствувото на манастирската тишина, карпестата околна височина, зимскиот зрак од сонце на Пелагонија во магла. “Напаѓааат” гостите од Европа, туристи дури од Гватемала, Хондурас, Кореа, Филипини, Хонг Конг… Манастирот е еден од најпосетуваните. Но, потребен е пат, убоста да стане пристапна и да се овозможи престој за воодушевување, иако и сега мераклиите доаѓаат пешки, без разлика на временските прилики. Се радувам што служам во храмот, за кој, прилепчани имаат посебена почит,,. Вака вели монахот Калист од манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, кој седум години се грижи и го чува манастирскиот комплекс под врвот Златоврв. Туристите ги привлекува природата, некои се интересираат за архитектурата, фрескоживописот, а на дел окото им застанува на карпите. Не малкумина уживаат во неприкосновениот мир, одвреме – навреме нарушен од птичјите песни лете или со гракотот на гавраните зиме. Секој пронашол капка за воодушевување, освен прилепчани, кои се чувствуваат како дома – додава ведриот монах. Смета дека манастирот ќе стане попривлечен и попосетен, ако се изгради полесен пристап. Тешкиот и непристапен пат е клучна мака, особено есенско и зимско време. Зашто запира “животот”. Меѓудругото, нужна е целосна обнова на црквата, од архитектурата до фрескоживописот. Треба да се истражи и локацијата – објаснува отецот. Тој не зборува за причините за подарувањето на срцето на Бога. Не сака да открие како животниот пат го насочил кон монаштвото, оти смета дека тоа е лично прашање. Посветеноста доволно говори зошто сум се предал на Бога. Благодарен сум му Нему, што ме донесе тука – кусо вели отецот Калист.

Loading