Полнење резервоари ноќе – за вода дење

Дел од граѓаните реагираат на недостигот вода за пиење ноќе. Се жалаат дека славините им пресушуваат на повисоките делови и на повисоките катови од повеќекатниците. ЈП Водовод и канализација признава дека од 23 до 4 часот наутро е намален притисокот, а на повисоките места можно е и да нема вода. Менаџментот е оптимист дека за скоро ќе се нормализира малку нарушеното, но неалармантно водоснабдување. Градот располага со околу 250 литри вода во секунда, од кои 150 литри од системот Студенчица и околу сто литри од бунарските постројки. Според Раководството на ЈП Водовод и канализација тоа се доволни количества вода. Директорот Саше Николоски објаснува дека недостигот вода ноќе лежи во ноќното акумулирање вода во огромните резервоари за задоволување на денската жед. Се полнат резервоарите и се намалува притисокот во мрежата. Можно е да нема вода од после 23 часот до мугрите. Очекувам подобрување на водоснабдувањето – вели Николоски. Тој информира дека се забавува динаминката на пад на дарежливоста на изворот Студеница. Тешкотиите се должат и на опаѓањето на нивото на подземните води. Од 15 бунари црпевме 150 литри, а сега даваат само околу сто литри. Не верувам дека ќе се влоши водоснабдувањето, а и да дојде тоа, ќе го решаваме со мали рестрикции. И филтерската станица е во кондиција, но поради биолошкиот минимум во вештачкото езеро, не ја ставаме во функција – вели Николоски. Објави дека фирмата е подготвена и за “најцрно сценарио”. Подготвени се цистерните и за најлошото. Но, нема да дојде до тоа – тврди Николоски. ЈП Водовод и канализација веќе аплицирала за околу 800 илјади евра кај германски инстанци за средства за инсталации на поврзување на десет веќе готови нови бунари во градската водоводна мрежа.

Loading