Народот беше оружје

Доне Трифунвоски – офицерот кој никогаш не оди в пензија

Владееше развиено чувство на патриотизам, готовност за отпор, кога Шешељ и Милошевиќ се закануваа дека е доволно да пратат една бригада Македонија да ја срамнат со земјата

“Кога Македонија се осамостои, ЈНА го зеде цело оружје, додуша по “пропис”, без инциденти”. Основа за новата македонска армија стана оружјето на територијалната одбрана. Офицерите можеа да останат во АРМ по нивна желба. Македонците прифатија, но и Хрвати, Словенци, кои не сакаа да се борат за туѓи политички интереси”. Ова го вели потполковникот во пензија Доне Трифунвоски, кој целиот животен век го минал во војската во командите на тенковските единици. Натурализиран прилепчанец е со потеколо од Кратово.

Своја војска

Неколку години по ставањето на службата во мирување смета дека бившата ЈНА била вредна, но нашата АРМ е наша. Тој бил еден од основачите на првите единици на АРМ во 1992 година. Огромен беше ентузијазмот, и кај старешините, и кај регрутите. Никој не одби да служи војска. ЈНА ги зеде тенковите, а новите тенкисти располагаа само со пешадиско оружје. Државата ќе најдеше тенкови, ако беа потребни, зашто имаше кадар. Народот, кој со радост нé прифати, беше нашето најголемо оружје. Бевме подготвени да ја браниме Татковината. Владееше развиено чувство на патриотизам, готовност за отпор, кога Шешељ и Милошевиќ се закануваа дека е доволно да пратат една бригада Македонија да ја срамнат со земјата. Најсериозна “игра на живците” беше окупацијата на ЈНА на Чупино брдо, која, за среќа, се оконча без крвопролевање – кажува Трифуновски. Тој смета дека политичарите се виновни за растурањето на Југославија, и тоа со воен расплет, а неефикасноста на ЈНА во војните во Словенија и Хрватска, ја објаснува со тоа што армијата не била обучувана за борба со сопствениот народ. Македонските војници беа во “пат” позиција. Не мал број и загинаа на боиштата во Словенија и Хрватска. Бараа помош загрижени семејства со синови во ЈНА. Се јавував кај колегите да ги пуштат македонските војници. Десетици се вратија дома живи и здрави – вели потполковникот. Во драматичната 2001 година немало меѓуетнички, само се намалил одзивот за отслужување на воениот рок кај Албанците. За кризата веќе се пензионирав и не бев повикан во служба. Ако имаше потреба, ќе појдев, затоа што кариерата на офицер завршува заедно со животот. Еднаш војник, засекогаш војник – вели Трифунвоски.

Без национална нетрпеливост

Љубовта кон татковината и одбраната на нејзините граѓани од било кој непријател, го однесле Доне Трифувоски од гимназијата во Кратово, во Воената академија во Белград, подоцна и во Бања Лука. Станал потпоручник за оклопно – механизирани единици во тогашна ЈНА. Среќата го донесла во Прилеп. Од 1970 е натурализиран прилепчанец. Веднаш “леташ”од школување, ако кажеш национално. Не беше важно дали си Словенец, Хрват, Србин, Македонец…, ако си добар во учењето – се сеќава сегашниот потполковник во пензија. По завршувањето на командно-штабната академија, станал мајор и напредувал. Доаѓаа млади и слаби регрути од сите националности. Немаше ниту еден инцидент. Се враќаа дома поздрави и покрупни, веќе оформени мажи – вели Трифуновски низ смеа. Во касарната, како и на вежбите имало професионална атмосфера и доверба меѓу офицерите и војниците. Функционирале како големо семејство без поделби и тензичност. Задоволен е од помладите наследници. Уверен е дека се доволно опремени да í служат на Татковината. Тешко се навикнува на цивилниот живот со доста слободно време, без да прима и да дава команди, во споредба со строгиот војнички режим.

Еден војник – цел автобус на заклетва

– На заклетвата на еден војник од Србија дојде цел автобус роднини, оти бил единствено дете од фамилијата од тројца браќа. Родителите замолија посебно внимание за миленикот на фамилијата. Па така и беше. Кога требаше да се испука првата боева граната од тенкот, војникот – топчија го фати паника. Наместо да нишани во метата, тој ја насочи цефката на тенкот кон набљудувачкото место, полно со војници. Реагирав да спречам катастрофа, нагло свртувајќи го тенкот во друга насока. Војниците после се шегуваа дека “повторно се родиле”. На крајот од воената обврска, дојдоа да го земат дома семејното галениче 2-3 автобуси роднини од Србија – кажува Трифуновски.

Мерак по тенкот Т-34

На Трифуновски не му излегуваат од умот легендарните тенкови Т-34, кои ги имала војската. Тие биле стабилни, едноставни и лесни за употреба. Биле подобрени, за разлика од првите, советските. Добри беа за нас, кога го победиле Хитлер. Уништуваа оклопни чудовишта од 80 тони. Ги служеа петчлен тим, не потешки од 65 килограми, за да функционираат беспрекорно во малиот простор – се сеќава потполковникот за оклопниот “миленик”.

Loading