ИЗВОЛТЕ БЛЕБЕТАЈТЕ

Жестока расправа. Во Парламентот, се разбира. Се разгледува Извештајот од Европската комисија од Брисел. Опозицијата го напаѓа Извештајот. Позицијата го брани. Централно место во расправата зазема изоставањето на придавката МАКЕДОНСКИ. Во претходните извештаи била застапена -( македонски јазик и македонски народ ).

Зборува угледна госпоѓа, со високо педигре. Се жести, напаѓа. Владата била виновна што е изоставена придавката МАКЕДОНСКИ. Госпоѓата тврди дека јазикот (македонски) треба да се брани таму, во Брисел, а не овде.

Даде Господ, завршија десетте минути определени за дискусија и престанаа жестоките, прежестоките напади. На крајот, (нели крајот го краси делото!) и госпоѓата пратеник го украси крајот на својот говор. Рече дека сево ова и личело на ФУДБАЛСКА УТАКМИЦА. Ами, госпоѓо, зборот УТАКМИЦА не е македонски, кај нас тоа е натпревар. Зошто го избравте токму него за капак на излагањето? Но, ништо. Не е толку страшно. Од каде знаат оние во Брисел чиј збор е УТАКМИЦА. Тој не може да најде место во придавката МАКЕДОНСКИ, но тоа ќе си го знаеме ние, а не тие таму во Брисел.

Следува друго излагање. Исто така на говорницата госпоѓа од повисок ранг. Таман си помисливме дека не може да се појави дискутант со таква жестина и гнев, госпоѓата не демантира. Уф, страв да го фати човека и од тонот и од аргументацијата. Таа госпоѓа критикува една нејзина колешка од позицијата. Го критикува нејзиното излагање. Вели дека она што го зборувала колешката било разделено на три дела:

– Првиот дел – БЛЕБЕТАЊЕ!

– Вториот дел – БЛЕБЕТАЊЕ!

– Третиот дел – БЛЕБЕТАЊЕ!

Драга госпоѓо пратеник! Вие сигурно го знаете значењето на зборот БЛЕБЕТАЊЕ? Сигурно ви е јасна неговата содржина бидејќи го практикувате? Но, редно е, госпоѓо, да знаете дека тој збор, таа глаголска именка, не е македонска. А токму за тоа дискутирате, сите го браните македонскиот јазик. Бранете го и од себе госпоѓо. Бранете го и практикувајте го и овде, кај нас, не само во Брисел. Можеби за некои зборови или изрази немаме и не можеме да најдеме соодветна замена во нашиот јазик. Можеби некогаш сме принудени да позајмуваме. Можеби ќе бидеме принудени да создаваме нови зборови (неологизми). Тоа се нормални појави во сите јазици. Но, вакви зборови, зборови за кавга, имаме и ние во изобилство. Госпоѓо, вашиот омилен збор “блебетање” кај нас може да се замени и со ДРДОРЕЊЕ и со ПЛАМПАЊЕ и со ЛОМОТЕЊЕ. Можеби има и други наместо српското БЛЕБЕТАЊЕ. Можевте и со некој од нашиве зборови да и ја упатите навредата на колешката.

По некое време се јави за збор госпоѓа пратеник од позицијата. Им прави забелешки на колешките за остриот тон, за навредливите зборови и им вели:

– Значи вие сакате сите нас да не омаловажите, да не изнавредувате, е, па – ИЗВОЛТЕ!

И таа го украси крајот на својата кратка реплика. Госпоѓо, можеби ќе ви простевме ако ова ви е единствена грешка, ако не знаевте дека на македонски е ПОВЕЛЕТЕ, а не ИЗВОЛТЕ. Но, кај вас грешките не се доброваат.

И, ете така. Ќе велиме УТАКМИЦА, ќе велиме БЛЕБЕТАЊЕ, ќе велиме ИЗВОЛТЕ и што ли уште не ќе велиме? Особено во Парламентот, кај нашите бранители на јазикот. Ќе зборуваме, како што зборуваме. Ќе го деградираме јазикот. Но, ќе си бараме во Брисел да ја употребуваат придавката МАКЕДОНСКИ. Точно е тоа дека треба да бараме и да бидеме мошне настојчиви во тоа барање. Но, ако продолжиме вака да го практикуваме нашиот јазик и во Парламентот и на медиумите и во училишатата – тешко дека ќе го одбраниме, па и стопати да е напишана придавката – МАКЕДОНСКИ!

Благоја Ивчески

Loading