Врвен театарски чин

По премиерата на “Калигула”

Новата претстава ,,Калигула,, од Албер Ками, во режија на Зоја Бузалковска на театарот е врвен театарски чин, во која, со многу симболи, силно и смело, е раскажана приказната за човекот кој секогаш го избира нечовечниот, наместо човечниот пат. Низ дваиполчасовната претстава, публиката станува сведок на вонредна игра, преку која Бузалковска го отсликува светот во кој трезорот и државната каса се поважни од човечкиот живот, светот е своеволие на ограбувања на народот, а љубовта е заборавена, дури и исмеана. Во режисерскиот концепт се вклопи целиот ансамбл, особено младиот Александар Степанулески, кој го игра главниот лик – Калигула. Тој многу суптилно го пренесува своеволникот на сцената, пресметката со своеволието преку демонстрација на своеволие. Му помагаат актерите Даниела Иваноска, Никола Настоски, Игор Трпчески, Димитар Ѓорѓиевски, Трајче Иваноски, Димитар Црцороски, Зоран Иваноски, Александар Тодески, Милан Секулоски, Најдо Тодески, Андон Јованоски, Наташа Наумоска, Марија Спиркоска – Илијески, како и младите Кирил Трпкоски и Надица Ѓорѓијоска. Одлична е и сценографијата на Костантин Трпеноски, костимите на Лира Грабул, како и музиката по избор на Бузалковска. Претставата “Калигула” е посветена на неодамна починатиот актер Кирил Ристоски.

Loading