Рамнотежа на задачите, спортот и забавата

Роберта Ацеска од ОУ “Климент Охридски”, најдува рамнотежа меѓу учењето, спортот и забавата. Претседател е на одделението, во салата е одбојкарка на “11-ти Октомври”, а во чаршија е “муабетчика” со другарките.         Како одлична ученичка, сé í оди. Омилени í се биологија и хемија. Ги сака, оти í се интересни и потребни за понатамошното образование. Знае дека е потребна наобразба, бидејќи тежнее да стане хирург – пластичар. Тоа не ја плаши и стокмила план. Прво, општа гимназија, па со ученичка размена во некоја западна земја и колеџ по медицина – вели амбициозната Ацеска. Во слободното време чита крими и авантуристичи романи. Обожава и романтични комедии. Има плејада омилени актери, ама најмногу е “блиска” со актерката Селина Гомез. Миленичка í е, оти и таа успева да ги балансира актерството, бизнис кариерата и ангажманот како амбасадор на УНИЦЕФ. Одличниот успех не се гледа само преку петките во дневникот, туку во примената на знаењето во вистинскиот живот. Англискиот го владее, па не í е гајле за преводот на омилени серии на Фокс Лајф. “Зацапана” е и во филмската сага “Самрак”. Со душа го чека последниот дел. Во “набиениот” распоред, нема време за виртуелни пријателства преку ФБ, туку реално другарува, “шпартајќи” в чаршија.

Loading