Прва прволигашка шанса за Трајче Илиоски

Фудбал: По оставката на битолчанецот Секуловски

Тренерот е со задача опстанок

Промените не запираат во фудбалскиот прволигаш 11 Октомври. Тренерот Марјан Секуловски поднесе оставка. На местото шеф на стручниот штаб е помошникот Трајче Илиоски. Смените се епилог на делото од клупата есенва, кое резултираше со единствената првенствена победа од 4-0 над Тетекс. Веднаш по тој меч ја предаде палката на Секуловски. Практично, дури сега ја добива првата вистинска прволигашка шанса, бидејќи претходно во кариерата водеше третолигашки и второлигашки екипи. Пред две години токму 11 Октомври го внесе од Трета во Прва лига, а во Купот постигна сензационален триумф од 3-1 над гигантот Вардар. Одлуката не ја прифаќам, бидејќи не е во согласност со моите човечки и професионални принципи. Не можам понатаму да ја извршувам функцијата. Се заблагодарувам на огромната поддршка од водечките луѓе во клубот, директорот на фирмата спонзор Симон Наумоски, екс-претседателот Сашо Иваноски и секретарот Филип Василески – рече на разделбата Секуловски. Во клубот жалат за недоразбирањето, настанато без разидувања или слични проблеми. Очекуван беше некаков потег, кога резултатите се лоши. И навивачите притискаа, бараа некакви брзи мерки, а една од нив е во врска со стручното водење. По последниот пораз од Вардар со 2-0, е донесено решението. Сосема бевме јасни. Секуловски и Илиоски требаше да ја имаат истата функција – шеф на стручен штаб и истата одговорност. А Секуловски заминува на своја иницијатива – толкува Филип Василески, генерален секретар на 11 Октомври. Додека главниот терен на стадион се санира за пријателската Македонија – Албанија на 15 ноември, тренинзите на Спортски центар ги води Трајче Илиоски со помошникот, Круме Митрикески. Наредниот првенствен меч со Шкендија, е на неутрален терен во Струмица, во необичен термин, в сабота во 11 часот, а в среда е куп реваншот со Вардар.

Спиркоски претседател

Димитар Спиркоски, пензионираниот директор за увоз – извоз во Витаминка, е новиот претседател на ФК 11 Октомври. Наследник е на Сашо Иваноски, кој поднесе оставка по суспензија од ФФМ за прекинот со Ренова. Спиркоски е поранешен претседател на Победа. Беше прв човек на популарниот клуб во сезоната 1993/94, кога спонзор беше Витаминка.

Нови играчи

Регистрирани се двајца нови играчи во 11 Октомври. Тоа се: стоперот Стефан Иваноски, повратник од Победа јуниор и за врска Оливер Апостолоски, кој паузираше 18 месеци, а беше член на клубот во Втора лига. Апостолоски има право веднаш да настапи, а Иваноски напролет.

Loading