ОД ИГЛА ДО ЛОКОМОТИВА ЗА ИМТ ТРАКТОРИТЕ

Резервни делови за трактори од “И. Ј. Јонза”

Отворањето на сервис за замена на резервните делови за земјоделските машини е иднината

Во Фирмата “И.Ј.Јонза” која името го добила по имињата на ќерките Ивана и Јована и прекарот Јонза, на сопственикот Трајко Василески како што го знаат во Прилеп, има од “игла до локомотива” за тракторите, односно резервни делови, претежно за ИМТ тракторите. Фирмата постои од 2006 г. Одлучил леб да вади во приватниот бизнис, иако имал мало искуство. Приватизацијата го натерала Василески да стане приватник. Се пробал со бизнис со текстил. Работев во комерција во “Сигурносно стакло”. Не гледав иднина. Тоа ми даде поттик за свој бизнис и решив сам да пробам со резервните делови – вели Василески. Во дуќанот, муштериите може да најдат претежно резервни делови за трактори. Локацијата е во близина на автобуската станица, покрај река. Има фреквенција на земјоделци со трактори од селата, кои бараат делови за земјоделските машини. Почнав со малку пари, малку стока, со повеќе труд и чесна работа. Се вади една плата редовно, се подмируваат обврските кон државата. Нема голема заработка, бидејќи нема голем влог – објаснува Василески. Во трговијата со резервни делови за трактори влегол неподготвен, без искуство. Продава сé, масла, филтри, потрошен материјал за сите ИМТ трактори, особено за 539 кој најмногу го има на поднебјето на Прилеп. Порано примал порачка за делови и за тракторите “Владимирец”. Има дел и од програмата од приклучната механизација, делови како што се ножиња, лагери за косачки, ремени и лагери за комбајните односно она што е најпотребно. Перспективата на бизнисот ја гледа во отворање сервис и проширување со резервни делови за повеќе типови автомобили. Влегоа илјадници возила од странство и треба и за нив резервни делови. Сервисот за земјоделски машини е моја голема желба, која се надевам дека ќе ја реализирам, покрај падот на обемот на работата – вели Василески. Бизнисот го тера скромно, со желба за ширење, со искуството кое го има и стекнатиот круг муштерии и пријатели.

ДРЖАВНИТЕ ТРАКТОРИ ГО УРИВААТ БИЗНИСОТ

Државните субвенции преку трактори кои ги дава Министерството за земјоделство, се одразува врз работењето. Се чувствува недостиг од работа, бидејќи државата дава поволни услови за земање на нови трактори. Старата механизација се отфрла и не се поправа. Нема зијан, но се снаоѓаме – вели Василески. Фирмата располага дури со 70 отсто од резервните делови за ИМТ тракторите.

ДЕЛОВИ И ЗА АВТОМОБИЛИ

“И. Ј. Јонза” располага со делови и за автомобили, односно за заставините Југо, 101, па Лада и други, кои некогаш најмногу се возеа. Но во чекор со новите трендови и времиња, Трајко нуди и резервни делови – гуртни, плочки, ремени и за други марки на автомобили.

Loading